• недела, 22 декември 2024

Илир Демири назначен за нов директор на Клиничката болница Тетово 

Илир Демири назначен за нов директор на Клиничката болница Тетово 

Скопје, 18 јули 2023 (МИА) - Доктор Илир Демири денеска е именуван за нов директор на Клиничката болница во Тетово. Тој е именуван од страна на министерот за здравство, а на оваа функција доаѓа од Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби, каде работеше како координатор во Ковид-19 центарот. 

Од Министерството за здравство информираат дека доктор Демири е специјалист инфектолог, кој поседува богато работно искуство и на Клиниката за инфективни болести и фебрилни состојби работи од 2004 година. Од 2007 година е асистент по предметот инфективни болести на Медицинскиот факултет во Скопје, а во 2020 година се стекнува со титулата примариус доктор. 

-Новиот директор на Клиничката болница Тетово е истакнат професионалец и еден од најпосветените здравствени работници кој се бореше против Ковид-19 од самиот почеток на пандемијата. Доктор Демири е добитник на титулата „Европска личност за 2020 година“. Оваа титула се доделува на лица кои имаат посебен придонес во афирмацијата на хумани вредности, а ја доделува Европското движење, и е признание кое доаѓа од страна на граѓаните. Доктор Демири исто така е член на Македонското здружение за инфективни болести, како и на Комисијата за заразни болести, велат од Министерството за здравство. вј/бак/

Фото: Министерство за здравство 

 

Остани поврзан