• петок, 22 ноември 2024

Илиевски: Миле Јанакиески бил држен во притвор без доволно оправдани причини

Илиевски: Миле Јанакиески бил држен во притвор без доволно оправдани причини

Скопје, 14 ноември 2023 (МИА) – Миле Јанакиески бил држен во притвор без доволно оправдани причини, а постои и повреда во однос на брзината на одлучување по неговите жалби, информираше адвокатот Влатко Илиевски, на денешната прес-конференција во врска со Пресудата на Европскиот суд за човекови права објавена денес, за утврдена повреда на правото на слобода на Јанакиески, загарантирана со член 5 од Европската конвенција за човекови права, во однос на изречените мерки притвор за судските предмети за „27 април“ и за „Шпански скали“. 

- Сметам дека случајот на Миле Јанакиески е парадигма за тоа како во Република Македонија се злоупотребува мерката притвор и дека мерка што служи за обезбедување на присуство се користи како казна или инстант правда, рече адвокатот.

Тој дополни дека очекуваат набрзо да има одлука и по однос на притворите кои беа определени во предметот „Титаник“.

Брантелот на Миле Јанакиески пред националните судови за горенаведените судски постапки, Еленко Миланов, на прес-конференцијата посочи дека оваа пресуда го потврдува фактот и барањето кое го имаше Јанакиески дека во правосилни судски одлуки во кои во повеќе предмети му беше определена мерка притвор треба и мора истите да бидат засметани.

- Затоа што законот никаде нема децидна одредба дека тој притвор мора да биде исклучиво по тој предмет за кој постои правосилна пресуда, рече Миланов.

Основниот Кривичен суд, од друга страна, денеска соопшти дека според пресудата - притворот за Миле Јанакиевски е оправдан, а критикувана е должината на жалбената постапка.

- Имено: Пресудата на ЕСЧП е веќе достапна на нивната веб страница и потребно е точно и внимателно да се прочита нејзината содржина пред да се навлезе во неосновани критики и погрешни заклучоци, со кои се информира  јавноста. Во ниту еден дел не ја оспорува основаноста на определените мерки  притвор и куќен притвор во прв степн, напротив ЕСЧП констатирал дека притворот бил оправдан, НО утврдува пропусти во лишувањето од слобода на  обвинетиот, како и „брзината“ на жалбената постапка во повисок степен, велат од Кривичен.

Европскиот суд за човекови права и слободи денеска ја објави пресудата во случајот на поранешниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески против Северна Македонија, во однос на изречените мерки притвор за судските предмети за „27 април“ и за „Шпански скали“, во која стои дека му биле прекршени правата од членот 5 на Европската конвенција за човекови права.

- Случајот се однесува на два сета на кривични постапки против господинот Јанакиески, првиот за терористичко загрозување на уставниот поредок, и вториот за злоупотреба на службената положба, за време на кои му биле нарушена слободата со одлуки на домашните судови. Потпирајќи се на Членот 5 (право на слобода и безбедност) од Конвенцијата, господинот Јанакиески поднесе жалба за наводни незаконитост и произволност, недостиг на релевантни и доволни причини и недостиг на брзо право на жалба на неговото лишување од слобода, се вели во соопштението од Судот во Стразбур.

ЕСЧП утврдува повреда на член 5 став 3 поради недостиг на доволно причини за лишување на жалителот од слободата и повреда на член 5 став 4 поради недостиг на „брзо“ прегледување на лишувањето на жалителот од слободата.

Според пресудата, државата ќе треба да му плати вкупна отштета од 6.100 евра на Јанакиески, од кои 3.900 евра за нематеријална штета и 2.200 евра за трошоци. ар/аа/

ФОТО:МИА

 

Остани поврзан