• сабота, 21 јуни 2025

Израел потврди дека повикува десетици илјади резервисти за проширување на офанзивата во Газа

Израел потврди дека повикува десетици илјади резервисти за проширување на офанзивата во Газа

Тел Авив, 4 мај 2025 (МИА) - Израелската армија потврди дека повикува „десетици илјади“ резервисти поради проширување на операцијата во Газа, изјави началникот на израелскиот Генералштаб, генерал Ејал Замир.

„Оваа недела ќе испратиме десетици илјади повици до резервисти со цел да го зголемиме интензитетот и обемот на нашата операција во Газа“, рече високиот воен функционер, додавајќи дека целта е целосно уништување на инфраструктурата на Хамас - „и надземна и подземна“.

Премиерот Бенјамин Нетанјаху ја одложи претстојната посета на Азербејџан.

Во видео порака на социјалната мрежа „Екс“ вечерва во врска со ракетниот напад на проиранските шиитски бунтовници хути врз аеродромот Бен-Гурион, премиерот објави дека свикува состанок на кабинетот за безбедност за да се разговара за „следната фаза“ од војната во Газа. Претходно, извори објавија дека на состанокот ќе се разговара за проширување на операцијата во палестинската енклава, како и за продолжување на хуманитарната помош во Појасот.

Армијата веќе започна со испраќање повици за резервистите потребни за да се обезбеди потребниот персонал за оваа намена.

„Го зголемуваме притисокот со цел да ги вратиме нашите луѓе (заложниците) и да го победиме Хамас“, рече генералот Замир.

Израел моментално контролира една третина од палестинската енклава.

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан