Израелската армија го потврди завршувањето на операцијата во болницата Насер во јужниот дел на Газа
- Израелските одбранбени сили (ИДФ) денеска потврдија дека ја завршиле, како што ја нарекоа, „прецизната и ограничена“ операција во болницата Насер во јужниот дел на Појасот Газа и дека привеле околу 200 осомничени „терористи“.
Тел Авив, 25 февруари 2024 (МИА) - Израелските одбранбени сили (ИДФ) денеска потврдија дека ја завршиле, како што ја нарекоа, „прецизната и ограничена“ операција во болницата Насер во јужниот дел на Појасот Газа и дека привеле околу 200 осомничени „терористи“.
За време на операцијата, во таа болница во Кан Јунис биле пронајдени запечатени кутии со лекови и имињата на израелските заложници и неколку оружја на оперативците на Хамас, јавуваат израелските медиуми.
Многу од приведените се членови на екстремистички организации кои беа вклучени во нападите на 7 октомври во јужен Израел и имаат врски со заложниците кои ги држеше Хамас, тврди ИДФ.
Воената операција беше спроведена за да се обезбеди „минимално нарушување на тековните болнички активности и пациентите и медицинскиот персонал да не бидат повредени“.
Армијата тврди дека испорачала генератор за да се замени болничкиот кој престанал да работи и дека сите витални системи на болницата продолжиле да работат и дека снабдувањето со електрична енергија не било прекинато.
Дополнително, во болницата ,во соработка со армијата, се доставени храна, вода и лекови, како и храна за бебиња, а неколку пациенти во критична состојба се префрлени во други медицински центри на барање на болничкиот персонал и во соработка со меѓународната заедница.
Во соопштението се најавува продолжување на операциите во согласност со меѓународното право против Хамас, кој Израел го смета за терористичка организација и кој според него функционира од болници и цивилна инфраструктура. паг/
Фото: МИА архива