• понеделник, 23 декември 2024

Измените и дополнувањата на Законот за минерални суровини, поврзани со коридорите 8 и 10д, на собраниска комисија

Измените и дополнувањата на Законот за минерални суровини, поврзани со коридорите 8 и 10д, на собраниска комисија

Скопје, 12 април 2023 (МИА) - Собраниската Комисија за економски прашања денеска ќе ги разгледува Предлог измените на Законот за минерални суровини, по скратена постапка, еден од законите поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10д. 

Измените и дополнувањата на Законот за минерални суровини предвидуваат усогласување на одредбите на овој закон со одредбите на Законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (Делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа –Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (Делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија(„Службен весник на
Република Северна Македонија“ бр. 163/2021) во делот кој се однесува на доделување концесии за експлоатација на минерални суровини за изградба на државни, општински патишта и хидротехнички објекти, како и патни коридори. 

Според најавите, опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе амандмани и за овој закон, чија потреба за носење помина на 112. седница во понеделеникот, заедно со уште седум други закони коишто се поврзани со изградбата на коридорите 8 и 10д. 

Собраниската комисија за економски прашања денеска треба да одржи уште една седница. На дневен ред се Предлогот на закон за задруги, второ читање, Финансискиот план на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги за 2023 година и Предлог одлуката за утврдување на процентот на искористеност во однос на вкупниот годишен приход, за финансирање на работењето на Регулаторната комисија за енергетика и водостопанство на Република Северна Македонија за 2023 година. ев/мд/

 

Остани поврзан