• недела, 23 март 2025

Изменет проектот за реконструкција на главната улица во Крива Паланка, нема проширување и изградба на кружен тек кај мостот

Изменет проектот за реконструкција на главната улица во Крива Паланка, нема проширување и изградба на кружен тек кај мостот

Крива Паланка, 22 март 2025 (МИА) - Градоначалникот на Општина Крива Паланка, Сашко Митовски денеска информираше дека по бројни претставки од граѓаните и извршени теренски консултации и презентации, локалната самоуправа донела одлука за основна санација и подобрување на постојната инфраструктура на главната улица. „Св.Јоаким Осоговски“ без првично проектираните проширување од Градскиот музеј до Соларски мост и без проектираниот кружен тек кај мостот за поголема безбедност на сообраќајот.

- Во врска со реализацијата на проектот за реконструкција и изградба на централната улица „Св. Јоаким Осоговски“ и актуелните состојби на терен, сакам да ја информирам јавноста за најновите одлуки и идните чекори поврзани со оваа клучна сообраќајница. По бројните претставки од граѓаните и извршените теренски консултации и презентации, локалната самоуправа ги донесе следниве одлуки: нема да се врши проширување на улицата и изградба на третата лента.


По разгледување на претставките и реакциите од засегнатите граѓани, донесена е одлука да не се реализира првично планираното проширување на улицата. Наместо тоа, приоритет ќе биде даден на основна санација и подобрување на постојната инфраструктура. Откажување на изградбата на кружен тек кај соларскиот мост. Првично предвидениот кружен тек во овој дел од улицата нема да се изведува, а собраќајното решение ќе биде предмет на понатамошни стручни анализи и консултации. Одлука е донесена за продолжување на градежните активности за рехабилитација во наредниот период со цел основна рехабилитација на улицата, која вклучува: обнова на коловозната површина, замена на рабниците, реконструкција на тротоарите и замена на уличното осветлување, информира Митовски.

Најавува дека во следниот период, општината ќе пристапи кон изработка на детална стручна студија за анализа на можностите за идно сообраќајно решение.

- Во рамки на студијата ќе се разгледа и опцијата градскиот плоштад да биде ставен во функција на колски сообраќај во одредени временски интервали, се наведува во известувањето од градоначалникот кој се заблагодари на досегашното разбирање, доверба, трпението и поддршката од сите граѓани.

Проектот за реконструкција на главната улица „Св.Јоаким Осоговски" беше предвиден во две фази, втората беше завршена, со реконструкцијата на улицата од мостот кај населбата Единство до крстосницата кај градскиот музеј, а измените на основниот проект се однесуваат на фаза еден, наведена во известувањето. Вкупната вредност на проектот изнесуваше околу 35.000.000 денари обезбедени од Светска банка преку Министерство за транспорт.ид/лв/

фото:МИА 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан