• сабота, 23 ноември 2024

Изложба по повод 100 години од раѓањето на архитектот Славко Брезоски во КИЦ - Скопје

Изложба по повод 100 години од раѓањето на архитектот Славко Брезоски во КИЦ - Скопје
Скопје, 26 мај 2022 (МИА) - Во Културно-информативниот центар - Скопје вечерва се организира изложба по повод 100 години од раѓањето на архитектот Славко Брезоски. -Славко Брезоски е припадник на првата повоена генерација македонски архитекти. Присуството на оваа генерација ќе биде одбележано под знакот на „модерната“ и нејзиниот реформаторски јазик што ќе се прифати и одржи во децениите што ќе следат. Творечкиот опус на архитектот Славко Брезоски е мошне богат и разновиден. Тој дејствува во речиси сите домени на урбанистичкото и архитектонското проектирање, едукацијата, истражувањето и публицистиката. Неговиот архитектонски опус го сочинуваат многубројни проекти и реализации со широк програмски дијапазон и препознатлив архитектонски израз, велат од КИЦ - Скопје. Брезоски има учествувано на многубројни јавни домашни и меѓународни конкурси на кои освојува врвни награди. Притоа, повеќето од конкурсните проекти биле прифатени за реализирање, со што Брезоски постигнува и меѓународна афирмација. Меѓу позначајните објекти се издвојуваат Стоковната куќа во Скопје, Комунално-Комерцијалната банка во Скопје, Амбасадата на СФРЈ во Бразилија, Спомен Шамарица во Хрватска, Архиепископскиот Соборен Храм „Св. Климент Охридски“ во Скопје, како и зградата на Работнички дом во Скопје во чии рамки се наоѓа и Културно информативниот центар – Скопје. ки/мд/  

Остани поврзан