Изложба посветена на ансамблот „Мањифико“ е отворена во Музеј галеријата во Кавадарци
- Изложба посветена на ансамблот „Мањифико“ што остави длабоки траги во македонската и меѓународната музичка сцена, е отворена вечерва во салоните на Музеј галеријата во Кавадарци. Преку неа, како што беше кажано, се презентира животниот и професионален пат на ансамблот.
Кавадарци, 30 октомври 2025 (МИА) - Изложба посветена на ансамблот „Мањифико“ што остави длабоки траги во македонската и меѓународната музичка сцена, е отворена вечерва во салоните на Музеј галеријата во Кавадарци. Преку неа, како што беше кажано, се презентира животниот и професионален пат на ансамблот.
Томе Крстевски, виш кустос етнолог во Музејот, појасни дека се работи за ретроспективна изложба посветена на еден од најзначајните македонски музички состави, со 31– годишно постоење.
- Изложбата е ексклузивен и траен спомен и чествување на богатиот опус на „Мањифико”, со обемна збирка од над 240 селектирани експонати, фотографии, постери, документи, аудио-визуелни снимки и архивски материјали, што сведочат за извонредната уметничка активност и достигнувањата на овој реномиран состав. Меѓу нив е и монографијата „Ансамблот Мањифико, мит-легенда или реалност”, чиј автор е еден од основачите и член на овој состав, Пантелеј-Панче Кочовски, кој е и автор на изложбата, рече Крстевски.
Експонатите вклучуваат 32 големи постери и 15 оригинални плакати од концерти и настапи, над 60 паноа, над 200 селектирани уметнички фотографии, аудио и видео касети, ЦД и ДВД изданија, признанија, студиски снимки, концертни програми, сценографски документи и монографското издание.
- Изложбата, со која се одбележуваат 66 години од основањето на славната група, пред се, е посветена на починатите членови на „Мањифико”, сите извонредни музички ументици, на чело со вокалниот солист и ѕвезда на ансамблот, Невенка Кочовска, истакна Крстевски.
Ансамблот „Мањифико” бил основан во 1959 година и во својата 31-годишна уметничка одисеја достигнал интернационална и интерконтинентална афирмација. На својот репертоар имал над 320 композиции од Латинска Америка и Шпанија, од кои над 220 на носачи на звук, осумдесет нумери за 30-тина радио станици во поранешна Југославија и Европа, 28 мали музички плочи, пет ЛП албуми, четири аудиокасети, две ЦД и неколку ДВД изданија. Најголем дел од изданијата биле продавани во златен и сребрен тираж.
- Во своето над 30-децениско постоење, ансамблот „Мањифико” има настапувано во над 42 земји ширум светот, вклучувајќи ги Австрија, Италија, Русија, Турција, Индија, Египет, САД (Индијана, Калифорнија, Илиноис, Мичиген, Невада), Австралија, Азербејџан, Казахстан, Узбекистан, Шведска, Германија, Бугарија, и многу други. Изведени се околу 4300 концерти, со вкупна публика од над 8.700.000 посетители, нагласи Крстевски.
Ансамблот учествувал и во театарски продукции, снимал музика за телевизија и филм, а во 16 ТВ студија низ Европа и Русија биле снимени над 140 телевизиски емисии и блокови, со учество на бројни познати вокални солисти. Имал настапувано и за југословенскиот претседател Тито, пред мексиканскиот претседател Лопез Ма те оз, како и со победникот на Сан Ремо, Тони Далара.
Иако главниот репертоар бил составен од латиноамериканска музика, на интернационалните настапи „Мањифико” изведувал и македонски и југословенски хитови, како музичка идентификација на ансамблот и регионот. Истовремено, како познати филантропи, имале одржано и преку 600 хуманитарни коцерти, меѓу кои и за земјотресот и поплавата во Скопје.
- Покрај Невенка и Панче, дел од „Маифико” биле и врвните музичари Крсто Таушанов, Петар Галев, Димитар Томов, Јане Коџабашија, Хозе Свиличиќ, Владимир Нигојевиќ, Миле Барбаровски, Коце Икономов, Миле Лукаров, Димитар Павловски и менаџерот Борис Низамовски. Во 2017 година, ансамблот „Мањифико“ ја добил наградата за животно дело од манифестацијата „Златна бубамара на популарноста“, што е едно од највисоките признанија за нивната долгорочна и успешна кариера, рече Крстевски.
Притоа подвлече дека „Мањифико" е ансамбл што не само што ја обогатил македонската музичка сцена, туку и ја изнел македонската култура и музика на светската сцена. Крстевски истакна дека нивниот уметнички стил и посветеност се пример за успешна и долготрајна кариера, а нивните настапи продолжуваат да инспирираат нови генерации на музичари и слушатели.
Изложбата ја прогласи за отворена, актерот Предраг Павловски, кој, како и Кочовски, се обрати пред присутните. свд/рп/
Фото: МИА