Изложба на фотографии „75 за 75“ во ЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп
- Во фоајето на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, вечер ќе биде отворена изложба на фотографии „75 за 75“. Автор на проектот е Каролина Мицевска, а на изложбата ќе бидат изложени 75 фотографии на канвас со претстави што оставиле белег во децениското постоење на театарот „Војдан Чернодрински“.
Скопје, 5 јуни 2025 (МИА) - Во фоајето на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, вечер ќе биде отворена изложба на фотографии „75 за 75“. Автор на проектот е Каролина Мицевска, а на изложбата ќе бидат изложени 75 фотографии на канвас со претстави што оставиле белег во децениското постоење на театарот „Војдан Чернодрински“.
Изложбата е поддржана од Министерството за култура и туризам во програмата за 2025 година.
-Tеатарот „Војдан Чернодрински“, 75 години опстојува, и ќе опстојува, раскажувајќи ни за минатото, сегашноста, но фокусирајќи сé на иднината. Од сите уметности само Театарот е директен посредник со публиката и затоа ни е насушно потребен. Тој е светлина сам по себе, што свети од сите страни и е препознатлив за секој човек. Целта на театарот во сите времиња била и ќе биде, како што вели Хамлет „... да стои, како огледало пред природата, да ја покажува добродетелта со нејзиното вистинско лице, како и гадоста, на секој век во историјата - со неговиот неразубавен облик..., вели авторката на проектот Мицевска.
Во Театарот досега се прикажале над 350 премиери, се одиграле повеќе од 7 000 претстави, гледани од 1,7 милиони луѓе. Меѓу првите театри започнал со поставување на домашни драмски текстови, па на сцената праизведби доживеале текстови од македонските драмски автори: Коле Чашуле, Томе Арсовски, Благоја Ристески-Платнар, Трајче Крстески, Василе Димески, Петар Петрески…
Театарот „Војдан Черндорински“ од 2004 година е дел од ЦК „Марко Цепенков“. Низ годините, најмногу претстави режирал Благоја Дамевски, вкупно 62, а по 24 пати на претстави се потпишале Коле Ангеловски и М. Стефановски. Биле поставени 282 текста, режирани од 70-мина режисери. Дел од претставите освоиле награди на меѓународни и на домашни фестивали. дма/сст/
Фото:Илустрација