Изложба на фотографии од Мајка Тереза како завршница на манифестацијата „Светлината на Гонџе“
- Институтот за културно и духовно наследство на Албанците денеска во просториите на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците е отворена изложба на фотографии од животот и де
Скопје, 5 септември 2022 (МИА) - Институтот за културно и духовно наследство на Албанците денеска во просториите на Министерството за политички систем и односи меѓу заедниците е отворена изложба на фотографии од животот и делото на Мајка Тереза избрани од Дон Љуш Ѓеѓи со наслов „Во срце го имам мојот албански народ", по повод последниот ден од манифестацијата „Светлината на Гонџе“.
Насловот на оваа изложба која се одржа под покровителство на вицепремиерот Артан Груби, според директорот на ИДКНА, Скендер Асани, е лајтмотив кој го опфаќа патувањето низ времето на целата животна филозофија на Гонџе Бојаџиу - Мајка Тереза.
- Благодарение на Дон Луш Ѓерѓи, кој беше истакнат познаник и следбеник на многубројните активности на Мајка Тереза, денес го имаме и овој фонд на фотографии кои тој ги придружуваше со интервјуа, репортажи и различни авторски записи што ги објавуваше во своите книги, истакна Асани.
Таа е Мајка Тереза, додаде тој, која го започна своето маратонско патување од калдрмата на Старата скопска чаршија и продолжи по долгите патеки на земјината топка.
- Ние, кои го почитуваме нејзиниот спомен во градот на нејзиното раѓање, и во сите градови каде што се возвишуваат нејзиното име и дело, се трудиме да зачуваме дел од скапоцените богатства од нејзиното животно наследство, цртајќи поуки и упатства што ни ги даде Мајка Тереза како еден скап тестамент, потенцираше Асани.
Координаторот на манифестацијата, Емин Аземи, рече дека сликите кои ги избрале во соработка со Дон Ѓеѓи, го изразуваат патувањето на Мајка Тереза низ времето и дека во изложбата може јасно да се види дека таа беше секогаш таму каде што има потреба.
Вицепремиерот Артан Груби, истакна дека „25 години откако Мајка Тереза не е меѓу нас, со голема гордост кажуваме дека таа е од Скопје, дека е Албанка, но и дека припаѓа на целиот свет“.
- Таа навистина припаѓаше на сите граѓани од светот и сметам дека нас ни следува да ги проследиме нејзините доблести за љубов, толеранција, помош и солидарност меѓу луѓето коишто најмногу имаат потреба.
Манифестацијата „Светлина на Гонџе“ во чест на Мајка Тереза годинава се одржува по втор пат. сх/са/