• петок, 22 ноември 2024

Изведена мултиорганска трансплантација на органи - пациенти добија срце, црн дроб, бубрези

Изведена мултиорганска трансплантација на органи - пациенти добија срце, црн дроб, бубрези

Скопје, 14 март 2024 (МИА) -  Министерството за здравство информира дека вчера е  направена уште една мултиорганска трансплантација на органи при што  еден пациент доби срце, еден пациент доби црн дроб, двајца пациенти добија бубрези, а во наредните денови пациенти од Универзитетската клиника за ортопедија ќе имаат шанса да добијат и коскени ткива.

Во допис до медиумите министерот Илир Демири упатува огромна благодарност до семејството на донорот коешто се одлучи да ги донираат органите од нивниот близок и притоа да спасат најмалку четири животи.


-По добиената согласност во вторникот, вчера во раните утрински часови започнаа трансплантациите на срце, црн дроб, бубрези и коскени ткива. Упатувам огромна благодарност до семејството на донорот кои повторно не потсетија на важноста, на емпатијата и на хуманоста и во најтешките моменти од животот. Нивната одлука денес значи нов живот за некого, од вчера спасуваме најмалку четири животи. Дарувањето органи е највисокиот чин на алтруизам кои сите нас не прави подобри луѓе спасувајќи човечки животи. Голема благодарност и до сите медицински тимови кои овие 48 часа работат со пациентите и се грижат за нивното здравје, истакнува Демири.

Министерството за здравство посочува дека од  2020 година досега се трансплантирани вкупно 77 витални органи -  11 срца, четири црни дроба, 38 бубрези и 24 коскени ткива. хс/са/ 

Фото: МИА архива 

 

Остани поврзан