• среда, 18 декември 2024

Избрани замениците министри, за опозицијата се несоодветни за ресорите, за власта се стручни и професионални

Избрани замениците министри, за опозицијата се несоодветни за ресорите, за власта се стручни и професионални

Скопје, 23 јули 2023 (МИА) - Пратениците од опозицијата сметаат дека не може да се очекува многу од замениците-министри во Владата, спорејќи ги нивните биографии и професионалност, несоодветно образование на голем дел од нив за ресорот за кој се предлагаат, а реагираа и на зголемениот број членови во извршната власт наместо помалку функционери како што било ветувано од сегашната власт.

Во дебатата на попладневниот дел од 11 седница на Собранието, пред изгласувањето на замениците министри, Јованка Тренчевска од СДСМ рече дека „за да се задоволат партиските интереси, се занемаруваат интересите на граѓаните“ и „тажно е на кое ниво е спуштена оваа функција“.

-Со фенер да ги баравте, понеспособни кандидати немаше да најдете. Какви министри, такви заменици - првите катастрофа, а вторите уште поголема. Чест на исклучоците, само на неколку им е местото да бидат заменици-министри. Наместо 16, сега имаме 20, а цело време зборувавте за намалување на функционерите. Сега имаме 25 проценти повеќе министри и заменици во Владата. Нема да сработат ништо, но битно е дека вдомувате послушници. Барем да предложевте соодветни, со искуство во областа за која се именувани, експерти што ќе придонесат во креирањето политики. Не е битен квалитетот туку да се задоволи коалицијата, рече Тренчевска.

Додаде дека според биографиите, некои од нив не прават разлика помеѓу политичко и работно искуство. Во однос на несоодветно образование, таа рече дека доктор на науки по кинезиологија наместо за МВР би бил подобар за спорт, а во овој ресор, пак, инженерот за информатика, рече, би бил посоодветен за ресорот дигитална трансформација.

Според пратениците на ЗНАМ, предложени се стручни луѓе на кои треба да им се остави време и простор за да покажат што можат да направи. Особено очекуваат од нивните два предлога во вториот ешалон. 

 -Предложените се дел од тим кои ќе работат на исполнување на ветената владина програма. Сите се профили кои зад себе имаат професионална реализација, но и со научни титули, не се политички презреани, ниту морално опаднати, не е пресудна дипломата туку стручноста, да оставиме време и простор да ни покажат што ќе направат. Има време за критики, рече Даниела Белимова од ЗНАМ.

Љупчо Николовски од СДСМ очекува „нов импулс“ во ресорот земјоделство што тој го раководеше во претходната Влада и посочи дека граѓаните сакаат да слушнат дали ќе продолжат политиките и новите мерки што почнале во претходниот период. Тој ја поздрави, како што рече, промената што ја видел кај новата власт, односно променетиот став кон Преспанскиот договор и „прифаќањето на реалноста“ и на „храбрите одлуки“ на претходната влада.

Му реплицираше Весна Бендевска од ЗНАМ прашувајќи дали „храбри одлуки“ се тргување со македонскиот идентитет, бришење на АСНОМ од Уставот и понижување на македонскиот народ. 

Пратеници од власта му реплицираа на Николовски во однос на политиките во земјоделството, обвинувајќи го дека агросекторот е уништен,  3,7 милијарди долг има за неисплатени субвенции, без плати се вработените во Национални шуми и Водостопанство...  

Сали Мурати од Движење на Турците, кое е дел од Европскиот фронт предводен од ДУИ, укажа дека е дискриминација тоа што ниту еден припадник на турската етничка заедница не е именуван зa министер или за заменик-министер. Според него, прекршен е Уставот кој гарантира еднаквост на граѓаните и е прекршена правична застапеност во јавните институции.

Како што рече, иако на другите заедници кои се помалобројни, согласно пописот од 2021, дадени им се функции во извршната власт, Турците како трета заедница во државава не учествува во Владата.

Блерим Беџети од ДУИ му се обрати на премиерот Христијан Мицкоски со укажување дека раководи влада „без етничка легитимност“, дека треба да се почитуваат законите и оти спротивното читање на Охридскиот договор „ќе отвори дебати“.

На тоа реплицираше Љупчо Пренџов од ВМРО-ДПМНЕ кој му порача на пратеникот на ДУИ дека „вакво плачење по власт и за власт е незапаметено и дегутантно“ и дека срамно е ДУИ да се поистоветува со Албанците во Македонија. 

-Во опозиција никој не умрел, но тие што ја злоупотребиле власта ќе одговараат зашто овој народ бара одговорност. Е за тоа вие плачете, не за Албанците, рече Пренџов. 

Пред гласањето, на кое 76 пратеници го поддржаа изборот на замениците министри, а 16 беа против и немаше воздржани, се обрати премиерот Христијан Мицкоски кој порача дека Владата и нејзините членови – министри и заменици ќе работат за сите граѓани без разлика на нивната припадност. 

Смета дека обединетата опозиција СДСМ, ДУИ и Левица имаат цел што повеќе „да лажат, клеветат, навредуваат и со невистини да го залажуваат народот“.

-Ја прифаќам секоја реченица што ја искажавте како опозиција. Ви благодарам за критиките и за оние за кои имаше содржина ќе се обидам како претседател на Владата да извлечам поука и да се обидам да не ги правам грешките што вие ги правевте во минатото, затоа што граѓаните ни дадоа доверба, повеќе од 600 000 граѓани ни дадоа легитимитет да ја водиме Македонија, рече Мицкоски. 

Од опозицијата побара да биде повеќе самокритична и да и се извини на македонските граѓани за грешките, за нереализирани и пропаднати проекти, за вработени што не зеле плата па, како што рече, „сега со ребалансот мораше ние да изигруваме алхемичари и да се обидуваме да правиме нешто што вие го протолкувавте како лош ребаланс на буџетот“.

 -Има нова политичка реалност за која граѓаните гласаа пред два и пол месеци. И колку побрзо ја прифатите и се извините, толку подобро ќе биде и за СДСМ, и за ДУИ, Левица сама си го определи местото, и сето тоа подобро ќе биде генерално и за македонската политичка сцена, рече премиерот. 

Како што рече, жали и што дел од опозицијата „се уште е во националистички фолклор“, што, рече, не е добро и дека „сакаат под превезот на национализмот“ да сокријат постапки за кои треба да одговараат. Нагласи дека тоа нема да го дозволи додека е премиер, порачувајќи дека секој ќе одговара за постапките „за работите да не се повторуваат“ и ветува дека тој лично ќе се потруди да бидат изведени на одговорност.

-Македонските граѓани се уморни од вакви крици на немоќ кои за да го затскријат криминалот и неуспехот, го користат повторно тој романтичен националистички пристап, како што го правеа тука некој од говорниците од опозицијата. Да, ќе градиме и во Тетово, ќе градиме и за Албанците, ќе градиме и во Дебар, и во Боговиње и во Струга, и во Колари и Зајас, исто како што ќе градиме и во Јакимово, и во Ново Село, и во Босилово, и во Скопје и во Гевгелија. Затоа што во оваа македонска Влада нема Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, сите ние заедно подеднакво се грижиме и треба да се грижиме за овие 26 илјади квадратни километри...Нема тука вакви или такви пари, тоа се нашите заеднички пари, за сите граѓани на нашата заедничка татковина Македонија, истакна  Мицкоски пред гласањето на замениците министри во Владата. хс/ев/ 

Фото: принтскрин

Остани поврзан