Избрана новата Влада на Република Северна Македонија
- Со 62 гласа „за“, 46 „против“ и без воздржани вечерва пред полноќ во Собранието избрана е новата Влада на Република Северна Македонија која ќе ја предводи премиерот Димитар Ковачевски.

-Работа започнуваме веднаш. Веќе на утрешната седница на Владата отпочнуваме со носење на решенијата за енергетскаста криза. Утре ќе остварам и средба со новата германска министерка за Европа со која ќе разговарам за забрзување на евроитнеграциите. Веќе во вторник на мое големо задоволство ќе бидам домаќин на новиот бугарски премиер Кирил Петков со кого сакаме да воспоставиме нова соработка базирана на почитување, поддршка и зачувување на македонскиот идентитет, рече Ковачевски.

Најави дека Владата веднаш потоа ќе продолжи со решенија за зголемување на пензиите и за поддршка на куповната моќ на граѓаните. Ќе се посветиме, додаде, на ефикасна реализација и стимулирање на домашните јавни капитални и домашните и странски приватни инвестиции. Ковачевски нагласи и дека секој министер во својот ресор и целата влада имаат јасен и прецизен план за реализирање на поднесената програма со рокови и индикатори за следење на реализацијата и ефектите.
-Најавив и нудам партиципативност и уште еднаш ја повикувам целата опозиција за заедничка работа за клучните прашања. Нашите граѓани се обединети во барањата за подобар живот. За тоа единствено ќе работиме и бараме сите да ни се приклучите за да ја реализираме таа цел. Да престанат политичките, етничките и сите други поделби и заедно да работиме за решавање на клучните прашања, рече Ковачевски.
Побара да се тргнат личните и теснопартиските интереси на страна, бидејќи, како што нагласи, сега повеќе од било кога мора да соработуваат во интерес на граѓаните.
Во текот на собраниската расправа во изминатите два дена, пратениците од опозицијата истакнаа дека поединечните предлог-имиња во новата Влада се доказ дека СДСМ нема избор и иднина на која треба да и се верува. Рекоа дека таа нема легитимитет, и прогнозираа кусо траење, најавувајќи брзи предвремени парламентарни избори. Во дискусијата при крај на собраниската расправа за изборот на новата Влада пратеникот Антонио Милошоски од ВМРО-ДПМНЕ рече дека Димитар Ковачевски, кој како премиер ќе ја води Владата, нема изборен легитимитет и тоа, нагласи ќе биде дополнителен хендикеп во неговата работа.
