• понеделник, 23 декември 2024

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Избор од поетското творештво на Иван Антоновски објавен во Србија

Скопје, 4 јуни 2023 (МИА) - Издавачката куќа „Граматик“ од Белград објави избор од поетското творештво на Иван Антоновски, под наслов „Обиди за (пре)создавање песна“. 

Песните од изборот, поделени во три циклуси кои претставуваат три фази во поезијата на Антоновски, од македонски на српски јазик ги препеал српскиот поет и прозаист, Рајко Лукач.

- Звучи неверојатно дека Иван Антоновски уште како четиринаестгодишник напишал песни пред кои ми застанува здивот од чудење за длабоката емотивна промисла и за престорувањето на таа промисла во стихови (без патетика). Тие песни се пријатно меланхолични (пр. „Јаглика“, „Трепетлика“, „Кога те  молев да пораснеш“), пленат со непосредната искреност и младешки занес („Ако ослепам, ќе ослепам од убавина“), напоменува Лукач, осврнувајќи се кон првиот циклус од изборот објавен во неговиот препев.

Тој се осврнува и на другите два циклуса од поезијата на Антоновски, при што за циклусот „Крикови од неископан гроб“ насловен според поетската книга од која се песните застапени во него, Лукач напоменува дека станува збор за поезија напишана од раката на младич, во која меланхолијата е поизразена, но е надополнета со фина иронија и со надреалистички зачини за да се ублажи горчината. 

Објавувањето на овој поетски избор во препев на српски јазик било иницирано од Лукач, откако тој имал можност да се запознае со поезијата на Антоновски пред неколку години на Галичката книжевна колонија. 

Претходно, во препев на српски јазик, уште во 2008 година беше објавена поетската книга која ја претставува раната фаза во поетското творештво на Антоновски – „Кога те молев да пораснеш“, со која Нишкиот културен центар ја започна едицијата „Вертер“. Голем број негови песни во препев се објавени и во повеќе српски книжевни списанија и досега има учествувано на поголем број книжевни манифестации во Србија. Во 2014 година, во Србија беше објавена и антологијата на македонската љубовна лирика „Од копнеж до ерос“, која ја приредија Весна Мојсова-Чепишевска и Иван Антоновски, а за која во февруари 2015 година беше доделена и наградата „Светосавски печат“ за посебна книга како исклучителен авторски и издавачки потфат на 11. Светосавски саем на книгата во Ниш.   

Во Белград треба да се одржи и книжевна вечер со Иван Антоновски, на која меѓу другото ќе биде претставен и изборот од неговото поетско творештво објавен од издавачката куќа „Граматик“. свс/бак/

Фото: Иван Антоновски

Остани поврзан