• недела, 22 декември 2024

Изборното тело на Гватемала ја ратификуваше победата на Аревало на претседателските избори

Изборното тело на Гватемала ја ратификуваше победата на Аревало на претседателските избори

Гватемала, 29 август 2023 (МИА) - Највисокото изборно тело на Гватемала синоќа ја ратификуваше победата на кандидатот на партијата на левиот центар Бернардо Аревало на претседателските избори во земјата, во време кога регистрацијата на неговата партија беше укината и не беше јасно како тој ќе ја преземе функцијата.

Аревало, 64-годишен поранешен дипломат и син на поранешен претседател, победи убедливо на вториот круг на изборите на 20 август, откако обвинителите претходно се заканија дека ќе ја забранат неговата партија, што предизвика меѓународен протест.

Изборните функционери го прогласија Аревало за победник на прес-конференција, а потоа одговараа на прашања во врска со документот објавен во локалните медиуми од друг орган со кој се наредува привремено да се суспендира партиската регистрација на победничкиот кандидат.

Шефицата на избирачкото тело изјави дека станува збор за документ од пониско тело, но засега не може да коментира за неговата содржина. Таа нагласи дека Аревало и официјално е победник.

Во меѓувреме, адвокатот на партијата на Аревало потврди дека регистрацијата на партијата е одземена. Не е јасно како тоа ќе се одрази на процесот на инаугурација на новоизбраниот претседател. паг/

Фото: МИА архива

 

 

Остани поврзан