• сабота, 21 декември 2024

Иван Антоновски е годишниот лауреат на наградата за најдобар расказ „Живко Чинго“

Иван Антоновски е годишниот лауреат на наградата за најдобар расказ „Живко Чинго“

Охрид, 9 август 2023 (МИА) – Иван Антоновски е автор на расказот „Ние ја имаме судбината на Јозефа К.“ прогласен за најдобар на годинешниот конкурс што Општина Охрид го распишува во чест на делото на охридскиот и македонски романсиер, Живко Чинго.

Антоновски е писател, книжевен критичар, есеист и книжевен преведувач, асистент на Катедрата за македонска книжевност и култура на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при УКИМ. Автор е на неколку книги со студии и есеи за современата македонска книжевност, поетски книги и книжевни преводи. Неодамна, во издание на книгоиздавателството „Матица македонска“ беше објавена неговата најнова книга „Просто и строго – Конески“. Коприредувач е на три антологии и на неколку други монографски публикации кои се однесуваат на современата македонска книжевност. Бил уредник и соработник на неколку списанија за книжевност и култура, меѓу кои и на е-неделникот „Репер“. Во моментов е уредник на списанието за литература, уметност и култура „Стремеж“.

Добитник е на неколку книжевни награди и општествени признанија, меѓу кои се наградата „13 Ноември“ на Град Скопје и наградата „Франк Манинг“ на Ректоратот на УКИМ. Прогласен е за најдобар млад научник во хуманистичките науки за 2021 година и од претседателот на државата му беше доделено признанието „Успешни млади“. Член е на Друштвото на писателите на Македонија, на Сојузот на литературните преведувачи на Македонија и на Македонскиот славистички комитет.

Наградата на лауреатот ќе му биде доделена  во рамки на манифестацијата „Вечер на Живко Чинго“ што ќе се одржи на 13 август во неговото родно место Велгошти.аб/са/

фото/Општина Охрид

 

Остани поврзан