• петок, 22 ноември 2024

Ивановска: Отсуството на одговорност причина за недовербата во институциите

Ивановска: Отсуството на одговорност причина за недовербата во институциите

Скопје, 12 декември 2023 (МИА) - Поради отсуството на одговорност на сите нивоа очигледно е дека граѓаните нема да имаат доверба во институциите, рече претседателката на Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК), Билјана Ивановска, на денешната Конференција „Транспарентност и отчетност: Совршен пар за враќање на довербата во јавните институции“, организирана од Институтот за комуникациски студии (ИКС).

Таа говореше за неодговорноста која се провлекува низ различни општествени сфери. Го спомена пред се отуството на одговорност на политичкиот пазар, што понатаму влијае врз сите останатите сегменти. Во своето обраќање Ивановска говореше за отсуство на одговорност кај вработените во институциите, при што не се зема предвид мерит системот, туку политичките влијанија. Констатираше и дека недостига одговорност кај судиите, вештите лица, полицијата, архитектите, кои, како што рече, „направија ваков план за главниот град па и за целата држава“, кај државниот инспекторат за градежништво, кај просветните работници. Нагласи дека недостига одговорноста на власта, одговорност за имотот на државата, но и граѓанската одговорност. Таа нагласи дека секој треба да дејствува во својата сфера на одговорност.

-Доколку ние сме општество во коешто сме детектирале дека највисок ризик од корупција се силните политички влијанија, дека отсуството на интегритет е заеднички именител на сите фактори на корупција, дека транспарентноста не е на ниво коешто го посакуваат граѓаните, дека дискреционите овластувања се злоупотребуваат, тогаш повеќе од јасно ќе ни биде дека одговорноста ќе биде на ниско ниво, додаде Ивановска.

Главниот државен ревизор Максим Ацевски зборуваше за рангираноста на Државниот завод за ревизија според меѓународните извештаи, компетентноста на институциите, како и за праќање на извештаите до засегнатите страни и за поставувањето на ревизорскиот извештај на веб страната на ДЗР.

-Тоа во суштина покажува колку внимание посветуваме за сето она што го правиме, со цел нашата информација да ја испратиме до крајните корисници, односно до даночните обврзници за да видат како се користат јавните средства од институциите во јавниот сектор, посочи Ацевски.

На прашањето зошто не веруваат во Обвинителството, јавниот обвинител, Гаврил Бубевски, го истакна последното испитување на Светската банка за правосудството со појаснување дека има поголем процент на позитивни оценки на тие што имале директно искуство или предмет во обвинителството или во судството, наспроти тие тие што немале директно искуство, туку недовербата ја искажуваат преку други фактори.

-Позицијата на јавното обвинителство е многу помалку комотна од сите. Позицијата на ЈО во една постапка којашто се води од почеток до крај, во различни стадиуми од постапката има различни сегменти коишто даваат, во зависност од тоа кој стадиум на постапката, можност да биде транспарентен. Во фазата на предистрага ЈО апсолутно не може да биде транспарентно, постапката е тајна и тоа може само да ги повреди основните човекови права, презумпцијата на невиност и сите оние постулати кои пак ќе доведат до она последното, неказнивост и неодговорност. Затоа ЈО во тој сегмент мора да биде одговорно спрема граѓаните, истакна Бубевски.

Истото го повтори и за истражната постапка, која рече дека иако не е тајна како предистржната сепак не е јавна, но додаде дека секако ЈО не е во своите најдобри перформанси, но изрази уверување дека тоа секако ќе се подобри.

Бубевски нагласи дека единствено што може да се бара чиста линија на фактичка линија е кога ЈО го поднесува обвинението пред судските органи.

Претседателка на Врховниот суд, Беса Адеми изјави декадека транспарентноста е чувар на интегритетот на судиите.

Таа посочи дека судиите мора да бидат водени од етичките принципи на морално поведение, како и дека не смеат да бидат под влијание на извршната и законодавната власт и дека треба да постапат независно од истите, но и дека независноста на судството мора да се признае и да се почитува од сите гранки на власта. сх/ац/

Фото: МИА

Остани поврзан