• понеделник, 25 ноември 2024

Зошто Трамп ги загуби изборите

Зошто Трамп ги загуби изборите
10 ноември 2020
Трамп освои големи делови од земјата и покажа дека има нераскинлива врска со илјадници негови поддржувачи кои го обожаваат речиси како култна личност.
Затоа, секоја анализа на неговите политички слабости во 2020 година, исто така, мора да ја земе предвид неговата политичка сила.
Сепак, Трамп беше поразен и со тоа стана еден од само четворицата претседатели на модерната ера кои не освоија втор претседателски мандат. Покрај тоа, тој стана првиот претседател кој не победил откако бил претседател четири години.
Многумина од гласачите на Трамп во 2016 година беа одбиени од неговата агресивност
Трамп победи на изборите во 2016 година делумно затоа што беше аутсајдер кој ги крши нормите и затоа што беше подготвен да го каже она што не беше кажано порано. Но, делумно од овие причини, тој исто така загуби на овие избори.
Додека многумина од неговите гласачки бази веројатно ќе гласаа за него дури и да пукаше кон некого на Петтата авенија, многу од оние кои го поддржаа пред четири години сега се предомислија поради неговото агресивно однесување. Ова е особено точно за предградијата. Џо Бајден беше подобар од Хилари Клинтон во 373 приградски окрузи.
Доналд Трамп имаше посебен проблем со жените од приградските области. Многу високо образовани републиканци кои гласаа за него во 2016 година, иако тој беше неконвенционален кандидат, се предомислија за време на неговото претседателствување.
Трамп ги одби со својата агресивност, поттикнувајќи расни тензии, користејќи расистички јазик на Твитер, несоодветно осудувајќи ги белите врховисти, отфрлајќи ги традиционалните американски сојузници и восхитувајќи се на авторитарните лидери како Владимир Путин. Исто така, тој ги одби и со фалењето дека е „многу стабилен генијалец“, промовирајќи теории на заговор, користејќи сленг поради што некогаш звучеше како шеф на криминал, како случајот кога тој го нарече поранешниот адвокат Мајкл Коен стаорец.
Потоа, тука е она што неговите критичари го нарекоа притаен авторитаризам, кој се појави на виделина по изборите кога тој одби да ги прифати резултатите.
Трамп не успеа да го прошири кругот на неговите избирачи
Политичкиот проблем на Трамп беше што тој не успеа да го прошири кругот на своите гласачи. А и не се потруди многу по тоа прашање. Во 2016 година тој освои 30 држави и често владееше на начин како да е претседател само на конзервативната црвена Америка. Трамп е претседател кој најмногу ја подели нацијата во последните сто години. И тој не се обидуваше да ги привлече оние 20 држави кои гласаа за Хилари Клинтон.
По четири исцрпувачки години, многу гласачи сакаа претседател за кој не треба многу да размислуваат и кој ќе се однесува поконвенционално. Уморни се од грд говор, инфантилни погрдни имиња и постојана конфронтација. Тие сакаа враќање на некаква нормалност.
Но, изборите оваа година не беа повторување на 2016 година. Овојпат Трамп беше тој што седи на местото на претседател, а не бунтовник. Тој мораше да ги објасни своите потези, вклучително и лошото управување на земјата за време на избувнувањето на епидемијата на коронавирус, поради што до денот на изборите починаа повеќе од 230.000 граѓани на САД.
Овојпат Трамп немаше омразен противник како Хилари
Покрај тоа, тој немаше омразен противник како Хилари Клинтон. Џо Бајден беше тешко да се демонизира. И тоа е делумно поради тоа што највисоките демократи толку многу го посакуваа да биде избран за претседателски кандидат. Овој 77-годишен центрист ја изврши и задачата што му беше доверена - да ја врати довербата на белата работничка класа кај демократите.
Важно прашање е и кога Трамп го загуби претседателството
Зошто Трамп ги загуби изборите покренува многу поинтересно и дискутабилно прашање - кога го изгуби претседателското место? Дали тоа беше веднаш откако луѓето кои гласаа за Трамп за да дадат протестен глас против политичкиот естаблишмент во Вашингтон ги изразија своите сомнежи? Бидејќи многумина од нив воопшто не очекуваа победа. Дали беше во првите 24 часа од неговото претседателствување кога во своето инаугуративно обраќање тој ја опиша земјата како дистопија на затворени фабрики, напуштени работници иселени од нивните домови од средната класа и вети дека ќе продолжи да го користи Твитер? Пред зајдисонце на првиот ден од неговото претседателствување, стана јасно дека тој ќе бара да го смени начинот на владеење повеќе отколку што позицијата претседател ќе го промени него.
Или, таа загуба беше кумулативна, во форма на ефект на снежна топка составена од скандали, клевети, заминувања на персоналот и друг хаос?
Или тоа е резултат на коронавирусот, најголемата криза што ја погоди земјата за време на периодот додека тој беше претседател? Пред епидемијата, Трамп беше политички многу силен. Тој го преживеа отповикувањето. Анкетите му дадоа поддршка од 49 проценти. Тој имаше два клучни фактори за победа - фактот дека тој е претседател и силна економија. Претседателските избори честопати се сведуваат на едно едноставно прашање - дали сега на земјата и е подобро отколку пред четири години. И по појавата на коронавирусот што доведе до економска криза, тешко е да се одговори потврдно на ова прашање.
Трамп остана политички витален и покрај короната, економската криза и расните немири
Но, би било погрешно да се каже дека само коронавирусот го загрози Трамп. Претседателите честопати излегуваат од кризите многу посилни. Тоа беше случај со Френклин Рузвелт, чие спасување на САД од Големата депресија го направи политички непобитен. Првичниот одговор на Џорџ В. Буш на нападите од 11 септември, исто така, ја зголеми неговата популарност и му помогна да освои втор мандат. Значи, не може да се каже дека коронавирусот ја предодреди судбината на Доналд Трамп како претседател. Неговото лошо решавање на кризата придонесе за неговиот пораз.
Но, треба да се запомни дека Доналд Трамп остана политички витален до самиот крај и покрај тоа што САД минаа низ најтешката здравствена криза во последните повеќе од сто години, најтешката економска криза од 1930-тите и најголемите расни немири од крајот на 1960-тите.
Голем дел од конзервативната црвена Америка ќе побара враќање на Трамп
Голем дел од конзервативната црвена Америка ќе побара негово враќање. Тој ќе продолжи да биде доминантна фигура на конзервативното движење и во наредните години. Трампизмот може да има ист трансформативен ефект врз американските конзервативци како што се случи со Реганизмот.
Трамп ќе продолжи да биде поларизирачка личност и може да се кандидира повторно во 2024 година. Поделените сојузни држави нема одеднаш повторно да се обединат. И не само затоа што многу Американци ќе негуваат толку конфликтни чувства од обожавање до омраза кон Трамп. Соединетите Американски Држави допрва се уште не слушнале и виделе сè од нивниот последен најнеортодоксен претседател во историјата. паг/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан