• петок, 15 ноември 2024

Зошто Кина има толку многу бизниси во Африка

Зошто Кина има толку многу бизниси во Африка

13 септември 2024 

Би-Би-Си-Њуз

 

Форумот за кинеско-африканска соработка оваа недела може да открие нешто повеќе за целите на Кина на континентот.

Во текот на изминатите две децении, Кина значително ја зголеми трговијата со Африка и инвестираше милијарди долари во изградба на патишта, железници и пристаништа низ континентот.

Ова беше направено преку Форумот за кинеско-африканска соработка, или ФОКАЦ - конференција која се одржува на секои три години за да се одлучи како африканските земји и Кина можат најдобро да соработуваат.

Годинашната сесија започна во средата во Пекинг и продолжува до петок, кога на конференцијата ќе се обрати кинескиот премиер Си Џинпинг.

Кина неодамна ја промени својата стратегија и и нуди на Африка повеќе производи од висока технологија и „зелена економија“.

Во последните дваесет години, Кина стана најголемиот трговски партнер на Африка, убедливо најголемиот инвеститор во африканските земји и убедливо нивниот најголем заемодавач.

Во 2022 година (последната година за која има целосни податоци), Кина склучи трговски договори во вредност од повеќе од 250 милијарди долари.

Главно увезуваше суровини како нафта и минерали, а извезуваше претежно фабрички производи.

Во 2022 година, таа инвестираше пет милијарди долари во африканските економии, главно за изградба на нови транспортни врски и енергетски постројки и отворени рудници.

Кинеските компании во 2022 гидина заработија речиси 40 милијарди од овие проекти.

Според Светскиот економски форум, сега има 3.000 кинески компании во Африка.

Кина има и 134 милијарди долари неподмирени заеми во африканските земји, од парите што ги позајми за градежништво.

Таа држи околу 20 проценти од сите долгови што африканските земји ги имаат кон остатокот од светот.

Сепак, неодамна имаше намалување на заемите на Кина за африканските земји и нејзините инвестиции во Африка.

„Тоа е затоа што многу африкански земји имаат проблем да ги вратат долговите за инфраструктурата што Кина ја изгради во нивните земји“, вели професорот Стив Канг од СОАС, на Универзитетот во Лондон.

„Кина со задоволство позајмуваше пари за проекти во Африка, како што се железниците, кои западните земји и Светската банка не сакаа да ги финансираат, бидејќи немаа комерцијална корист за нив“, вели тој.

Сега многу африкански земји открија дека не добиваат доволно поврат од овие проекти за да можат да ги вратат кредитите.

„Денес, кинеските заеми за Африка се малку промислени“, вели д-р Алекс Вајнс од Четам Хаус, експертска група за надворешна политика со седиште во Лондон.

„Тие бараат проекти кои можат подобро да се уновчат“, додава Вајнс.

Кина, исто така, го менува својот фокус од тоа да им понуди на африканските земји големи инфраструктурни проекти за работи како што се патишта, железници и пристаништа, како и опремување со висока технологија како 4Г и 5Г телекомуникациски мрежи, вселенски сателити, соларни панели и електрични возила.

„Кина е обвинета дека го преплавила африканскиот пазар со електрични возила. Тоа е еден начин Кина да ги извезе своите нови врвни зелени технологии“, вели д-р Винс.

Дали бизнисот со Кина и помогна или и наштети на Африка?

Кина започна да гради големи деловни врски со африканските земји од 1999 година, кога Кинеската комунистичка партија ја започна стратегијата за излез.

Форумот за кинеско-африканска соработка (ФОКАЦ) ја одржа својата прва сесија во 2003 година и сега е платформа за партнерство за Кина и 53 африкански земји.

На почетокот, за Кина, акцентот беше ставен на увоз на што е можно повеќе суровини од Африка, за да може да произведува стоки за извоз низ целиот свет, според д-р Вајнс.

„Кина ѝ позајми големи суми пари на Ангола за изградба на инфраструктура, со цел да добие за возврат резерви на нафта“, вели тој.

„Овие проекти обезбедија работа и за кинескиот народ. Едно време, во Ангола имаше повеќе од 170.000 кинески работници“, додава д-р Вајнс.

Кина ги опишува инвестициите во Африка како „добитна комбинација“

Сепак, градежните проекти што Кина ги заврши во Африка донесоа многу мала корист за локалното население и предизвикаа големо незадоволство кај нив, вели професорот Канг.

„Кинеските компании главно носат свои работници и не обезбедуваат многу локални работни места. Исто така, се добива впечаток дека вработуваат работници на работни места со тешки услови за работа“, додава тој.

Кредитирањето на африканските земји вртоглаво се зголеми во годината по 2013 година, кога Кина ја започна иницијативата „Појас и пат“ за зајакнување на трговските мрежи низ Африка и Азија.

Својот врв го достигна со над 28 милијарди долари во 2016 година.

Кина беше обвинета дека и дава кредити на Африка на експлоататорски начин, убедувајќи ги владите да позајмуваат огромни суми пари и потоа барајќи отстапки од нив кога ќе почнат да имаат проблем да ги вратат.

Ангола има натрупано 18 милијарди долари долг кон Кина, Замбија над 10 милијарди долари, а Кенија 6 милијарди долари, според Четам Хаус.

Сите имаа големи проблеми да ги вратат тие суми.

Кина често им позајмуваше пари на африканските земји и ги врзуваше отплатите со нивните приходи од извозот на суровини.

Овие договори и помогнаа на Кина да добие контрола над неколку рудници за минерали во земји како Конго.

Шефот на Африканската банка за развој, Акинвуми Адесина, изјави за новинската агенција Асошиетед прес дека владите треба да ги избегнуваат овие типови заеми.

„Тие се лоши, прво и основно затоа што не можете правилно да го наплатите имотот“, вели Адесина.

„Ако имате минерали или нафта под земја, како ја одредувате цената за долгорочен договор? Тоа е голем предизвик“, додава тој.

Сепак, д-р Вајнс вели: „Кинеската дипломатија за должничка стапица“ навистина не постои.

„Кина понекогаш се однесува експлоатирачки кога има работа со слаба земја, но посилните влади можат да работат со неа без да се задолжуваат“, вели тој.

Кои се плановите на Кина за Африка во иднина?

FOCAC, кој започна во Пекинг во средата, е најсеопфатната и најдобро воспоставена платформа за партнерство меѓу африканските земји и која било светска сила, според д-р Ширли Зе Ју од Лондонската школа за економија.

На секои три години поставува нови цели и приоритети.

„Тоа е во голема мера стратегијата што најдобро ја ангажира Кина како надворешен партнер на Африка. На крајот на векот, 40 отсто од светското население ќе живее во Африка. Не е тајна дека Африка го држи клучот за глобалната економска иднина“, вели таа.

Сепак, интересите на Кина во Африка не се само комерцијални, туку и политички, вели д-р Винс.

„Имате повеќе од 50 африкански земји во Обединетите нации“, вели тој.

„Таа ги убеди речиси сите да го повлечат признавањето на Тајван како држава“, додава д-р Винс.

„Сега добиваме појасна слика за тоа што сака Кина од Африка. Таа сака да стане заштитник на глобалниот југ и да ја искористи таа позиција за да го зголеми своето влијание во Обединетите нации и другите меѓународни организации. Кина сака африканските земји да бидат нејзина придружна актерска екипа“, вели професорот Канг.

ФОКАЦ, вели тој, не е здружение на еднакви.

„Постои голема нерамнотежа на моќта. Ако се согласувате со Кина, тогаш сте добредојдени. Никој нема да каже дека не се согласува со она што таа планира да го направи“, додава Канг. паг/

 

 

Остани поврзан