• вторник, 05 ноември 2024

ЗНМ: Годишниот извештај покажува подобрување на состојбата во слободата на медиумите и безбедноста на новинарите

ЗНМ: Годишниот извештај покажува подобрување на состојбата во слободата на медиумите и безбедноста на новинарите

Охрид, 24 јули 2024 (МИА) – Македонија бележи скок во сите индекси за безбедност на новинарите и медиумските работници. Тоа го покажува годишниот извештај за слободата на медиумите и безбедноста на новинарите што со поддршка на Европската комисија го спроведе Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) во рамки на заедничката платформа „Safejournalists“ заедно со седум држави од Западен Балкан.

Самата методологија на анализата ги следи промените во законодавството и практиката во земјите, со вклучување различни активности за застапување насочени кон унапредување на политичкото, законодавното и институционалното опкружување во кое работат новинарите, медиумските работници и медиумите.

Методологијата на истражувањето се спроведува врз основа на три групи индикатори - правната заштита, положбата на новинарите во редакциите и безбедноста на новинарите.

Како што посочи Милан Спировски од ЗНМ, како дополнителен документ на годинешниот извештај овојпат е вклучен индексот на слободата на медиумите и безбедноста на новинарите, што е исклучително важна алатка за спроведување споредба со претходните години.

- Важна работа за 2023 година е што со измените и дополнувањата на Кривичниот законик на РСМ, каде нападот кон новинар или медиумиски работник ќе се третира како напад кон службено лице. Според измените на Кривичниот законик, во повеќе кривични дела е додадена квалификувана форма на кривчните дела каде е пропишана повисока казна за извршување на тоа дело кон новинарите и новинарките со надеж дека ќе се делува превентивно и ќе одврати потенцијални сторители, рече тој.

Спировски како особено важно го посочи податокот дека Македонија бележи скок во сите индекси за безбедност на новинари и медиумски работници токму поради фактот што измените на односниот закон ги ставаат медиумските работници во една повластена положба и на тој начин се нудат системски решенија како тие да бидат позаштитени во вршење на својата работа.

- Тоа што нас ни останува како предизвик е да се следи како ќе се одвиваат истрагите и судските постапки во иднина со цел да се демотивираат напаѓачите да посегаат по интегритетот на новинарите и медиумските работници, меѓутоа и да се намали трендот на напади, како и политиката на неказнивост, рече тој.

Истовремено се нагласува дека од  особена важност е да се воспостави позитивна судска пракса со доследна примена на измените во легислативата, со цел правосудните органи да имаат проактивен пристап при заштита на правата на новинарите.

- Само преку функционален систем за заштита на новинарите може да се очекува дека ќе се демотивираат напаѓачите да се закануваат и да напаѓаат, а на тој начин да се осигура безбедна средина како основен предуслов за нивната работа, рече Спировски.

Како позитивна примена уште е посочено назначувањето надлежeн обвинител кој ќе го следи постапувањето во предметите во кои се нападнати новинари.

- Во насока на унапредување на ефикасноста во контекст на безбедноста на новинарите и медиумските работници, во ноември 2023 година, по повод меѓународниот ден за прекинување на неказнивоста на злосторствата врз новинарите, Основното јавно обвинителство во соработка со Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) назначи нови три посебни јавни обвинители за тетовското, битолското и штипското апелационо подрачје. Преку востановената посебна линија за комуникација со Јавното обвинителство, новинарите ќе можат да се информираат за текот на постапките за физички напади и насилство. Сепак, сѐ уште не постојат посебни упатства усвоени од МВР и од Јавното обвинителство за ефикасно откривање и гонење на сторителите на нападите и заканите врз новинари, рече тој.

Во однос на препораките за подобрување наведени во извештајот ЗНМ конструктивно инсистира на создавање Фонд за слободни медиуми, преку кој ќе се поддржуваат проекти од јавен интерес, за новинарски продукти, преку кој ќе се овозможи финансирање проекти за истражувачко, аналитичко новинарство, за документарна, образовна и едукативна содржина. На овој начин, најпрактично би се помогнало новинарството, а ќе се влијае и врз подобрувањето на примањата на новинарите и медиумските работници.

На тој начин би се избегнало враќање на состојбата во медиумската индустрија на нивото од пред пет години, кога со државни средства на нетранспарентен начин беа плаќани астрономски суми во медиумите без никакви критериуми.  Финансиската независност и одржливост на јавниот радиодифузер остануваат отворено прашање, а МРТ во 2023 година бележи уште помал буџет споредбено со претходните години. Кога станува збор за социо-економската положба на новинарите, општата оценка е дека минатата година таа не бележи значително подобрување, што се должи на намалувањето на приходите од огласување во целиот медиумски сектор, иако во одредени медиуми има минимално покачување на месечните примања на медиумските работници.

Работниот статус на многу новинари, особено во приватните медиуми е несигурен, бидејќи новинарите главно имаат договори на определено време или хонорарни договори, на дел од нив не им се исплаќа надоместокот за пензиско и социјално осигурување, примањата им се ниски, а не им се почитуваат и другите работни права. Поради тоа, новинарите се многу поранливи на притисоци, како од менаџерските структури, така и од сопствениците и од политичарите, стои во извештајот.

Според документот, најлоша е позицијата на новинарите во локалните и во регионалните медиуми, поради тоа што овие медиуми се во лоша финансиска состојба, а освен тоа во малите средини, локалните моќници можат полесно да вршат притисок. Работниот статус и положбата на новинарките во редакциите не се разликува многу од онаа на нивните колеги новинари, со исклучок на тоа што на раководните позиции во медиумите има помалку жени.

Во 2023 година, бројот на напади кон новинари е намален. Но, како што стои во домукентот, иако бројот на вербални и физички закани генерално споредбено со изминатите десет години се намалува, загрижува фактот што новинарите и медиумските професионалци се сѐ почесто предмет на закани и малтретирања во онлајн просторот односно на социјалните мрежи, од кои дел беа сериозни закани по физичката безбедност на новинарите што работат на истражувања на корупција и други негативни општествени појави.

„Покрај тоа, надлежните институции и судовите сѐ уште не водат доволно ажурна евиденција за заканите и нападите врз новинари, ниту, пак, ги објавуваат ваквите податоци. Сепак, позитивно е што надлежните институции се отворени за соработка со ЗНМ и низ заедничките консултации покажуваат подготвеност да се работи на подобрување на безбедноста на новинарите и медиумските работници преку поажурно преземање мерки и гонење на сторителите на напади и закани“, се посочува во извештајот.

Споредбено со регионот, Македонија подобро котира од земјите во седумте од регионот опфатени со анализата, по сите параметри. Во Европа според Индексот на Репортери без граници, сега Македонија се наоѓа на 36 позиција, што е подобрување од лани кога се наоѓаше на 38 место. аб/ев/

ФОТО: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан