• петок, 22 ноември 2024

„Златна рамка“ годинава го носи филмот и кај студенти, затвореници и во дом за стари лица

„Златна рамка“ годинава го носи филмот и кај студенти, затвореници и во дом за стари лица

Скопје, 13 април 2023 (МИА) - Тринаесет македонски филмови снимени лани ќе бидат прикажани бесплатно на петтото издание на „Златна рамка“, информираа денеска организаторите на средба со претставници од медиумите.

Со проширена програма, бесплатни проекции и трибини од 20 до 22 април, ќе се одржи „Златна рамка 2023“, со наслов „Во наш филм“, во Кинотеката и киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар, во организација на Друштвото на филмски работници на Македонија.

Новина е што филмски проекции бесплатно ќе бидат прикажани во студентскиот дом „Гоце Делчев“, како и во домот за стари лица „Мајка Тереза“ и во казнено-поправната установа „Затвор – Скопје“.

Како што беше појаснето, филмската манифестација „Златна рамка“ веќе пет години претставува можност за публиката бесплатно да ги погледне сите македонски филмски остварувања што биле реализирани во текот на изминатата година, а кои се финансирани од буџетот на државата и поддржани од Агенцијата за филм. Оваа година, манифестацијата е планирано да понуди вкупно 13 филмски остварувања од минатогодишната продукција, од кои три долгометражни филмови, три документарни и седум краткометражни филмови.

Љубителите на филмот ќе имаат можност да ги погледнат долгометражните остварувања „Снежана на крајот умира“ во режија на Кристијан Ристески, „Мими“ на Даријан Пејовски и „Најсреќниот човек на светот“ во режија на Теона Стругар Митевска, како и документарните филмови „How do you define arrogance“ режиран од Небојша Илијевски, „Фениксот од Кавадарци  -Васил Хаџиманов“ во режија на Мишо Нетков и „Звукот на тишината“ на Анастасија Лазарова. Краткометражната програма ќе се одвива во Киното „Фросина“, во рамките на која, во петок, на 21 април ќе бидат прикажани „Тале и Корона“ во режија на Томислав Алексов, „Само ѓаволот се плаши од вода“ на Лидија Мојсовска и „Обичната Ели“, режиран од Лавинија Софрониевска.

На 22 април ќе бидат прикажани „Синиот час“ во режија на Ана Јакимска, „Си беше еднаш еден звук“ на Огнен Шапковски, „Бесценета“ режиран од Дејан Јиованов и „Соло Мод“ во режија на Тамара Котевска.

Според претседателот на Друштвото на филмски работници, Игор Иванов-Изи, петтото издание на „Златна рамка“ акцентот го става на успехот на домашната кинематографија во текот на изминатата година.

- Друштвото на филмски работници како основач и организатор на оваа филмска манифестација има за цел пред јавноста да ја презентира севкупната продукција во изминатата календарска година, како отчет за сработените филмови поддржани од Агенцијата за филм. ДФРМ на своето редовно годишно собрание што ќе го означи почетокот на „Златна рамка 2023“, ќе го избере  директорот на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ за период од две години. ДФРМ е иницијатор, основач и организатор на фестивалот „Браќа Манаки“, кој почнувајќи од 1979 година е првиот и најстар светски филмски фестивал посветен на креативноста на светските кинематографери. Оваа година, во месец септември е планирано да се одржи 44. издание на „Браќа Манаки“, истакна претстедателот на ДФРМ, Игор Иванов-Изи.

Уметничкиот координатор на „Златна рамка“, Ана Василевска ја потенцираше важноста на манифестацијата за публиката желна за дела од домашната филмска продукција.

- „Златна рамка“ се создаде поради фактот што најголем број од домашните филмови не се прикажуваат на редовен репертоар во кино салите и ова е одлична можност да се претстават пред нашата публика. Ваквиот начин на ревијално претставување на националната кинематографија се практикува насекаде во светот и е дел од поддршката и едукацијата на домашната публика за сопствената кинематографија. Исто така, публиката ќе има можност да ги проследи филмовите заедно со дел од авторите кои ги креирале и да учествува во дискусиите што се предвидени после секоја проекција, подвлече Василевска.

Генералниот секретар на ДФРМ, Томи Салковски посочи дека како и минатата година, „Златна рамка“ ќе продолжи со спроведување на социјалната програма „Фокус“, наменета за публиката која од најразлични социјални ограничувања не може да ги посети кино салите.

- Водени од мотото „ако вие сте спречени да дојдете на филм, ние филмот ќе го донесеме кај вас“, и оваа година на „Златна рамка“ ќе бидат организирани проекции во рамки на установи и институции каде што живеат или престојуваат лица што не можат да одат во кино, ниту да посетат филмски фестивал или друг вид на настан. Ова подразбира дека граѓаните во казнено поправни домови, домови за стари лица, болници, шелтери за згрижување, центри за зависност и низа други институции од ваков вид, ќе имаат можност да присуствуваат на филмска проекција, професионално организирана и реализирана во просториите на самите институции, појасни Салковски. бд/сп/

ФОТО: Дарко Попов (МИА)

Остани поврзан