• недела, 22 декември 2024

Златна гала премиера на „Пред дождот“ - културно наследство кое е инспирација за нови генерации филмски уметници

Златна гала премиера на „Пред дождот“ - културно наследство кое е инспирација за нови генерации филмски уметници

Скопје, 9 декември 2024 (МИА) - На две недели после почетокот на снимање на „Пред дождот“, проектот речиси ќе се распаднеше. Тешко се работеше, така што не размислував за тоа дали филмот ќе стигне до едно вакво убаво место. Но, секогаш верував во тоа што го правам и мислам дека само прашање на време беше филмот што го работам, еднаш кога ќе излезе, да биде успешен, рече режисерот Милчо Манчевски на денешната прес-конференција во Скопје, по повод премиера – 30 години од филмот „Пред дождот“. 

Во Филхармонија вечер ќе се одржи златна гала премиера на „Пред дождот“, по повод 30 години од премиерата. На новинарско прашање до режисерот Милчо Манчевски, во врска со темата на филмот и правејќи споредба на она што се случува денес, Манчевски одговори дека секој национализам е грозен и дека само води кон лоши работи. 

-Секој национализам е грозен и само води кон лоши работи. Тоа вртлог, тоа е круг без крај, иако кругот не е тркалезен. Се надевам дека воопшто не само кај нас, туку национализмот нема да надвладее, порача Манчевски.

Прашан дали може да видиме во најава втор дел од „Пред дождот“, Манчевски одговори дека сите тие емоции, врски меѓу ликовите, дури и визуелноста како триптих, ги раскажува во другите филмови - во  „Врба“, „Кајмак“ и „Збогум Копакабано“ кој уште не е завршен.

-Со оглед на тоа дека ми изгинаа сите главни ликови во „Пред дождот“, индиректно емоциите, врските меѓу ликовите, дури и таа визуелност како триптих, јас ги раскажувам во други филмови. Во конкретниот случај, тоа би бил еден малку поапстрактен триптих, но пак се однесува на тоа како живееме или што би рекла бабата во „Мајки“ - како ќе се умира. Во тој триптих се филмовите „Врба“, „Кајмак“ и филмот „Збогум Копакабано“, ако воопшто се случи, рече Манчевски.

Актерот Раде Шербеџија на денешната прес-конференција посочи дека кога почнал да работи на филмот, сфатил дека постојат многу сличности во неговата судбина со судбината и природата на главниот лик Александар Кирков.

Шербеџија раскажа како се сретнале со Милчо, кој по неколку години го нашол во Лондон во 1992. Му го дал сценарио за „Пред дождот“ во едно кафуле на Сохо. Раде истата ноќ по прочитал двапати и следниот ден, кога пак се сретнале, Милчо го прашал како му се чини.

-Му реков, одлично е! Милчо ми рече дека ликот на Александар го пишувал за мене. Го прашав како, кога не ме ни знаеше, а тој ми рече, пa ти си играл во пет филмови на мојот омилен режисер Живојин Павловиќ, те знам, изјави Шербеџија.

Дизајнерот на продукција и оскаровец Дејвид Манс рече дека филмот се занимава со универзални теми – една од причините поради која, одекна на меѓународно ниво и постигна толку голем успех, многу проучувања и размислувања.

- Филмот поставува прашања и изискува од публиката да размислува и да креира сопствено мислење. Живот и смрт, конекции и односи, љубов и јазик, слики и зборови. Брилијантно сценарио, приказна, слики, емотивен пејзаж... Веднаш знаев дека е нешто посебно и посакав да сум дел од целиот процес. Се сеќавам во 2004 година, 10 години по успехот во Венеција, запознав луѓе во Пуља, Италија. Кога им кажав дека сум дизајнер на продукција на „Пред дождот“, спонтано почнаа да цитираат реплики од филмот, рече Манс на прес-конференцијата.

Актерката Силвија Стојановска на прес-конференцијата рече дека чувствува огромна благодарност што имала среќа да биде дел од една безвремена приказна во „Пред дождот“.

-Денес по 30 години, филмот се уште претставува инспирација за нови генерации филмски уметници. „Пред дождот“ е филмско и културно наследство што Милчо ѝ го остава на Македонија, додаде Стојановска.

Актерката Катерина Коцевска рече дека по 30 години се уште ја носи истата радост што е дел од овој филм.

-Кога ми соопштија дека сум ја добила улогата бев пресреќна. По 30 години сè уште ја носам во себе истата радост, што благодарение на Милчо имав мал удел во еден од најдобрите филмови на сите времиња на светот, рече Коцевска.

Директорот на фотографија Мануел Теран подвклече дека „Пред дождот“ ја дефинирал неоговата кариера и неговиот живот.

-Овој фантастичен филм ја дефинираше кариерата и воопшто мојот живот, првите мисли кои ми доаѓаат се задоволство и гордост. Се радувам што се сретнав повторно со сите. Каква среќа, рече Теран.

Монтажерот Ник Гастер посочи дека е предизвик трите дела на филмот да се спојат во еден филм.

-„Пред дождот“ е важен филм на повеќе нивоа. Сценариото и концептот на Милчо се ремек дело, одлично реализирани преку маестралната актерска игра, дизајнот на продукција, музиката и фотографијата. Ослободување на креативна енергија. За време на снимањето, темата на филмот, ужасот од распаѓањето на прогресивните политичко-идеолошки процеси и повлекувањето во племенското, нешто што е премногу релевантно денес, беше во извонреден контраст со прекрасната хармонична екипа, составена од сите делови на поранешна Југославија и светот. Привилегија е да се биде дел од тимот, кои ми останаа доживотни пријатели, рече Гастер.

Златко Ориѓански, еден од композиторите на музиката, на прес-конференцијата објасни како стана дел од создавањето на музиката за овој филм.

-Милчо беше во една голема дилема дали ние да ја работиме музиката. Тоа го одолговлекуваше и еден ден беше болен и лежеше во еден хотел во Лондон и имавме еден долг разговор. На крајот, јас му напишав факс. Писмото го чувам, иако никогаш не сме го објавиле. Напишав само една реченица - „Јас сум спремен да умрам за твојот филм“. Фала богу жив сум денеска и по 30 години дочекав да бидам тука, рече Ориѓански.

Актерката Сузана Киранџиска рече дека иако имала мала улога, неколкуте денови снимање за неа се незаборавно искуство.

-Иако мојата улога беше многу мала, тие неколку денови снимање беа незаборавно искуство, не само поради одличната актерска екипа, која ја одбра Милчо и магичната атмосфера што тој ја создаваше на снимањето, туку и заради неговото визионерско сценарио, кое проговори за проблемите и предрасудите, кои беа присутни во нашава земја, далеку пред да почнат да се заоструваат и продлабочуваат. Среќна сум што бев дел од овој филм на Милчо, кој покрај многуте награди кои ги доби, според New York Times е вброен во 1000 најдобри филмови на сите времиња, додаде Киранџиска. 

Присуството на вечерашната премиера на „Пред дождот“ го потврдија 21 амбасадор во земјава и личности од политичкиот и јавен живот.бт/лв/

Фото: МИА, соопштение

Остани поврзан