• вторник, 11 ноември 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Земјотрес со јачина од 5,3 степени во близина на Света Гора на третиот крак на Халкидики (ДПЛ)

Земјотрес со јачина од 5,3 степени во близина на Света Гора на третиот крак на Халкидики (ДПЛ)

Атина, 7 јуни 2025 (МИА) – Во морскиот дел на девет километри северозападно од Кариес на Света гора на третиот крак на Халкидики, кусо пред 16 часот по локално време беше регистриран земјотрес со јачина од 5,3 степени, што предизвикал помала материјална штета во еден од манастирите, јави дописничката на МИА од Атина.

Управителот на Света Гора Алкивиадис Стефанис за државната телевизија „ЕРТ“ посочи дека нема простор за загриженост, дека сите се добри и монасите и посетителите, а само едно лице, во паника и страв и во обид да побегне паднал и си ја удрил раката.

Во однос на материјалната штета објасни дека постојат проблеми со пукнатини на ѕидови, поместени лустери и стари оџаци, но „нема ништо што е особено загрижувачко“,

Монаси од манастирот Симинос Петрас за солунскиот портал „Тестивал“ нагласиле дека земјотресот бил силен.

-Ова беше најголемиот земјотрес што го почувствувавме. Веќе една година континуирано има земјотреси, но овој беше најзагрижувачки и постојано има последователни потреси, рекол еден од монасите.

Професорот и претседател на Организацијата за планирање и заштита од земјотреси Ефтимиос Лекас за „ЕРТ“ рече дека создава загриженост повторното појавување на сеизмичка активност во расед, за која експертите сметаа дека стивнала минатата година и се враќа со посилни потреси.

-Го проучуваме феноменот од самиот почеток и многу внимателно, бидејќи станува збор за чудна сеизмичка активност, со уште почуден развој бидејќи сметавме дека минатиот септември овој процес заврши и одново се враќа со магнитуди кои се многу поголеми од лани, објасни Лекас.

Сеизмологот Герасимос Пападопулос на социјалните мрежи напиша дека од август и септември 2024 година, во конкретниот регион била откриена „бавна предземјотресна секвенца“, во февруари годинава, јачината достигна 4,9 степени, но посилен земјотрес немало во минатото и додаде дека не е сигурен дали денешниот беше главниот земјотрес.

По земјотресот од 5,3 степени следеа десетина помали земјотреси меѓу два и три степени.

Земјотресот бил почувствуван на трите краци на Халкидики, во Солун, но и во нашата земја. ср/

Остани поврзан