• среда, 18 декември 2024

Зелен уметнички пристап и продукција - трета резиденција во рамки на проектот RE-IMAGINE

Зелен уметнички пристап и продукција - трета резиденција во рамки на проектот RE-IMAGINE

Скопје, 30 септември 2024 (МИА) - Во Скопје од денеска до 4 октомври ќе се одржи третата резиденција во рамки на проектот RE-IMAGINE - „Зелен уметнички пристап и продукција“. Резиденцијата, организирана од Локомотива, има за цел да ги истражи одржливите уметнички практики кои интегрираат свесност за животната средина во креативните процеси и идејата дека работејќи заедно на реобмислување на уметноста ќе придонесе во позелена иднина.

Резиденцијата, на која ќе присуствуваат 25 уметници и продуценти, е фокусирана на одржливи уметнички практики, каде преку програмата нуди можност на учесниците да научат и применат зелени решенија во својата креативна работа.

Како што најавија организаторите, во текот на резиденцијата, учесниците ќе учествуваат во низа интерактивни работилници, предавања, дискусии и презентации, на теми како - Хиерархија на материјалите и зелен дизајн во изведувачките уметности, Театар на специфични локации и интерсекционалност на еколошката одржливост и општествената одговорност, Нови пристапи во уметничкото творење: Зелено како креативен предизвик, Сајт специфичен театар и јавен простор, и презентација за работните услови во културата кај нас „Прекарност за почетници“.

-Работилниците како создавањето „Ремени од остатоци“ и „ Зелен кодекс на однесување“, ќе го нагласат значењето на рециклирањето, на етиката во творењето во културата и уметноста, додека менторските работилници ќе им помогнат на учесниците да го развијат продукцискиот и уметничкиот аспект на нивните зелени проекти. Во рамки на резиденцијата ќе се одржи и дискусија на тема „Зелени партнерства и политики“ на која ќе учестуваат претставници од организации, колективи, како и креатори на политики, соопштија од Локомотива.

Резиденцијата, исто така, ќе вклучи водени тури и дискусии за зелени политики, нудејќи увид во практичната примена на еколошките практики во уметничката продукција. Додека работат на своите проекти, учесниците ќе имаат можност и да го запознаат локалниот контекст. Резиденцијата има за цел не само да ги опреми учесниците со алатки за инкорпорирање на одржливоста во нивните уметнички процеси, туку и да поттикне колаборативна средина за реобмислување на тоа како уметноста може да придонесе за позелена иднина.

Проектот RE-IMAGINE е кофинансиран од програмата Креативна Европа на Европската Унија, како и Министерството за култура на Република Северна Македонија и Фондацијата Хајнрих Бол.

Конзорциумот на проектот обединува организации кои се меѓу пионерите во своите земји во однос на промоцијата и имплементацијата на зелени политики во културниот и креативниот сектор и ја презедоа водечката улога на застапмици за еколошка и одржлива уметничка продукција. Конзорциумот е составен од Локомотива (Скопје), Green Art Incubator (Србија), Pro Progressione (Унгарија) и Arte Urbana Collectif (Бугарија).бт/aa/

Фото: плакат

Остани поврзан