• понеделник, 23 декември 2024

Зелен институт: Измените на Законот за урбано зеленило добија поддршка од парламентарци

Зелен институт: Измените на Законот за урбано зеленило добија поддршка од парламентарци

Скопје, 15 септември 2023 (МИА) - Измените на Законот за урбано зеленило добија поддршка од претставниците на Интерпартиската парламентарна група за заштита на природата и борба против загадувањето и климатските промени, присутни на денешниот состанок во Парламентот. Предлог-измените на законот биле претставени од тим од проектот „Повеќе зеленило за отпорно Скопје“, што го води  Зелен институт, во соработка со Градот Скопје, Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг, а во партнерство со Флорозон и Македонско женско лоби, како дел од климатскиот проект на Еко-свест финансиран од Шведска.

На состанокот присуствувале Лилјана Поповска од Зелен институт, Кирил Ристовски од Флорозон и Татјана Чакулев, координаторка на групата од граѓанскиот сектор. Додека, пак, од Интерпартиската група присуствувале Велика Стојкова Серафиноска Гордана Силјановска Давкова, и Здравко Трајанов од ВМРО-ДПМНЕ и Ненад Коциќ од СДСМ.

Од Зелен институт информираат дека пред Интерпартиската парламентарна група биле претставени барањата за измена на Законот за урбано зеленило, донесен 2018 и усогласување со Законот за урбанистичко планирање, со Законот за градење и со Законот за прекршоци.

-Се бара:  усогласување на видовите урбанистички планови и планско-проектна документација според важечкиот Закон за урбанистичко планирање од 2020; усогласување на класите на намени на зеленило и зелена инфраструктура според важечкиот Правилник за урбанистичко планирање од 2020 и дефинирање на категориите на урбано зеленило според пешачкото растојание од домот и достапната површина; зголемување на нормативите за зеленило во м2/жител на ниво на град и минимален процент на градежна парцела, според новите европски трендови за зелена инфраструктура и одговор на климатските промени; утврдување на минимален процент на озеленетост на градежна парцела според класа на намени; допрецизирање на начинот на одржување на зеленилото; воспоставување обврска за ангажирање стручни лица (шумарски инженери, пејзажни архитекти) при планирање, проектирање, подигање, одржување и заштита на зеленилото; измени на казнените одредби заради усогласување со Законот за прекршоци од 2019 и зајакнато санкционирање на институциите кои не ги испочитувале законските одредби за минимум зеленило, не донеле стратешки документи за зеленило, не изработиле зелен катастар, издале градежни дозволи без минимален процент зеленило, уништиле зеленило и др.; допрецизирање на Правилникот за урбано зеленило според законските измени, велат од Зелен институт.

Овие предлози, како што посочуваат од Зелен институт, призлегоа од анализата на законите, во која беа вклучени архитекти и урбанисти, шумарски инженери, правници и граѓански активисти.

-Се одржа јавна дебата на 6 јули 2023 во салата на Советот на Град Скопје, на која беа поканети сите засегнати страни: Министерството за животна средина, Министерството за транспорт и врски, Градот Скопје и скопските општини, Факултетот за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг, Комората на овластени архитекти и овластени инжинери на Македонија, Асоцијацијата на архитекти на Македонија, експерти и заинтересирани граѓански организации (Зелен хуман град, О2 Иницијатива, Здравје пред профит, Зелените од Гази Баба,  Борба за Влае, За Расадник на можности, за хуман живот во Кисела Вода, Пржино, Во одбрана на Буњаковец и др.), посочуваат од Зелен институт.фф/аа/

Фото: Зелен институт

Остани поврзан