• понеделник, 23 декември 2024

Здружение на оштетени физички и правни лица на Еуростандард банка: Уставните судии да одлучуваат само по Уставот и законите 

Здружение на оштетени физички и правни лица на Еуростандард банка: Уставните судии да одлучуваат само по Уставот и законите 

Скопје, 22 февруари 2021 (МИА) - Во пресрет на седницата на Уставниот суд на која како прва точка од дневниот ред ставена нивната иницијатива за оценка за уставноста и законитоста на член од Законот за банки, Здружението на оштетени физички и правни лица на Еуростандард банка „Правда за штедачи“ ги повикува уставните судии при одлучувањето да се концентрираат само на Уставот и законите.

-Само тоа може да гарантира дека ќе донесат одлука со која ќе ги потврдат заложбите за владеење на правото. Се друго претставува калкулантство, субјективизам, необјективност, пристрасност, политички влијанија и заштита на нечии интереси од влијателните банкарски кругови наспроти примена на правото. Со носење на правична одлука од страна на Уставниот суд ќе значи дека во државата се уште се применува начелото на владеење на правото и начелото на еднаквост на сите странки во стечајната постапка. На тој начин, штетата ќе биде помала и по оние кои немаат никаква вина за сторениот масовен грабеж во Еуростандард банка, рече Мира Беќар од Здружението на денешната прес-конференција пред Уставен суд.

Ова, додаде, е во интерес не само на оштетените со стечајот на Еуростандард банка кои се сега на удар, туку на многу поширок круг на банкарски клиенти, на кои во некое идно време може да им се случи истата судбина.

-Согласно член 163 став 3 од Законот за банки, на државниот Фонд за осигурување на депозити му се дава првенство односно монопол во наплата на побарувањата во однос на физичките и правни лица депоненти на банка во стечај, кои на ваков начин се ставени во нерамноправна положба и се директно оштетени. Оваа крајно неправедна, дискриминирачка, незаконска и неуставна одредба ги оштетува двете групи на доверители, граѓаните со депозити над 30 илјади евра и особено фирмите, посочи Беќар.

Јавноста,нагласи, треба да знае дека ниту една од 2.000 фирми депоненти на банката не доби ниту денар обесштетување од Фондот. Многу од нив се на работ на опстојување, не се ликвидни бидејќи парите им се заробени во банката, вработените оставени на улица. Тоа е сосема спротивно и од заложбите за повеќе инвестиции, странски и домашни вложувања.

-Македонија е единствената земја во Европа и пошироко каде правните лица - фирми воопшто не се обесштетуваат од државниот Фонд за осигурување на депозити во случај на пропаѓање на банка. Единствена институција во државата која може и треба да ја реши оваа крајно неправедна, дискриминирачка, незаконска и неуставна одредба од Законот за банки е Уставниот суд. Решавањето на ова горчливо прашање го очекуваме преку поднесената иницијатива до Уставниот суд од октомври минатата година, со којашто бараме укинување на предметниот член од наведениот закон бидејќи со истиот се прави нееднаквост и дискриминација на доверителите во стечајната постапка на банката, што е спротивно на начелата на владеење на правото дефинирани со Уставот. Членовите на Здружението се длабоко убедени дека во овој случај правото е на нивна страна и дека правдата на крајот сепак ќе победи со носење на правична одлука од уставните судии на седницата на Уставниот суд закажана во среда, потенцира Беќар.

Членот на Здружението Иван Брзовски во одговор на прашање рече дека со вакво барање досега се обратиле до Собранието, Владата и останатите институции, а имале изработено и предлог-закон кој, според него, ќе ги обесштетеше сите оштетени стечајот на Еуростандард  банка.

-Во Собранието имаше и комисиска расправа, но законот се уште не е ставен на гласање на седница заради тоа што,претпоставувам, не е обезбедено доволно мнозинство за да се изгласа, рече Брзовски.

Досега, посочи, нецелосно обесштетени се 780 физички лица, но не и правните лица.

-Најголем дел од физичките лица се делумно обесштетени, а правните лица не се обесштетени воопшто. Било која фирма законски е обврзана да работи преку банка, а останаа необесштетени сите фирми и сите средства што ги имале во банката им се пропаднати, наспроти добар дел кој заради Фондот и улогата што ја има се целосно обесштетени. Токму тука е неправдата која ја потенцираме, поточно Фондот на нашиот грб, односно на оние што не се целосно обесштетени, го прави обесштетувањето, а не на сметка на сопствените средства и на државни средства, појасни Брзовски.

Со таквата улога на Фондот, потенцира, се дава приоритет на одредени лица, а Уставот кажува дека сите се рамноправни.вј/лв/

Остани поврзан