• понеделник, 23 декември 2024

Здружението на пензионери од Куманово и годинава ќе ги поддржи своите членови

Здружението на пензионери од Куманово и годинава ќе ги поддржи своите членови
Куманово, 5 февруари 2022 (МИА) - Кумановското здружение на пензионери годинава планира да продолжи со поддршката за своите членови, особено за најранливите категории, информираа денеска надлежните од здружението. Лани и покрај пандемијата здружението успеа да реализира значаен дел од усвоената годишна програма.
- Здружението лани подели 750 ваучери од по 1.000 денари еднократна финансиска помош за пензионерите со ниски примања. И годинава планираме да ја продолжиме оваа пракса, најверојатно во април, мај кога ќе се намали бројот на заразените. Нашите членови дополнително ќе бидат информирани за ова преку огласни табли и прес-конференции, изјави претседателот на кумановските пензионери, Благе Јакимовски.
Лани, здружението им додели и 20 проценти од средствата на пензионерите кои користеле бањско лекување, а доделена им била и еднократна парична помош за пензионерите кои имале оперативни зафати. Претседателот на здружението, Јакимовски информираше дека лани доделиле и помош од 10.000 денари на двајца пензионери чии што домови биле зафатени од пожар. - Средства за вакви намени има и за оваа година, додаде Јакимовски. Здружението има три центри за дневен престој на нивните членови во населбите во Куманово и е едно од најактивните во државата со над 15.000 членови од трите општини Куманово, Липково и Старо Нагоричане. ам/вг/

Остани поврзан