• вторник, 05 ноември 2024

Здружението на пензионери од Делчево го одржа редовното годишно собрание

Здружението на пензионери од Делчево го одржа редовното годишно собрание
Делчево, 28 февруари 2022 (МИА) - Здружението на пензионери од Делчево денеска го одржа редовното годишно собрание. Меѓу поважните точки кои бea разгледани на собранието, како што информираше претседателката Виолета Арсова, e извештајот за работењето на здружението за минатата година, завршната сметка за 2021 година и Програмата и финансискиот план за работа на ЗП за 2022 година. - Изминатата година поради пандемијата бевме ограничени во нашите активности, поради што повеќе се фокусиравме на хуманитарниот дел од нашата работа, а тоа е доделување пакети за пензионери со ниски примања. Исто така дониравме и заштитна медицинска опрема за Здравствениот дом од Делчево, рече Арсова. Во тековната 2022 година, додаде Арсова, во зависност од пандемијата, пензионерите ќе се фокусираат на работата со ранливите категории граѓани, одржувањето едукативни работилници и учества на пензионерски спортски и музички настани. - За таа цел еднаш неделно во соработка со Црвен крст Делчево организираме едукативни работилници на повеќе теми од здравството, еве на пример изминатиот петок ги едуциравме пензионерите за срцевите заболувања. Истовремено, во зависност од тоа какви ќе бидат препораките, ќе учествуваме на музичките и спортските манифестации кои вообичаено во текот на пролетта ги организира Републичкото здружение на пензионери, посочи Арсова. Во рамки на одржаното годишно собрание, од Здружението на пензионери Делчево ја нагласија одличната соработка со Општина Делчево, од каде најавиле понатамошна поддршка за активностите на најбројното делчевско здружение. вс/цр  

Остани поврзан