• четврток, 04 декември 2025

Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки Куманово со акција за здравјето на жените

Здружението на медицински сестри, техничари и акушерки Куманово со акција за здравјето на жените

Куманово, 4 јуни 2025 (МИА) - Кумановки денеска имаа можност да закажат бесплатна мамографија во рамки на едукативна активност која се одржа на Градскиот плоштад во рамки на проектот „Информирај се, заштити се и дај и црвен картон на болеста“, која ја спроведува Здружението на виши и средни медицински сестри, техничари и акушерки - Куманово.

Медицинските сестри на жените на возраст од 40 до 69 години, кои последниве две години не правеле мамографија им закажуваа термин. Сестрите детално објаснува како се прави самопреглед на дојките и поделија едукативен материјал.

- Препорачано е за жени кои досега не направиле мамографија и многу важен е самопрегледот на дојки што е една многу превентивна мерка којашто може да ја прават и во домашни услови. Се препорачува кај жени во репродуктивен период по десет дена од почетокот на менструалниот циклус да се прави, додека кај жени во менопауза се бира одреден датум и секој тој ист датум може да се прави самопреглед на дојки. Во брошурата многу убаво се објаснети чекорите на самопреглед, значи секој самостојно на огледало може да ги прави во стоечка позиција, потоа во лежечка доколку забележи некоја нерамнина, некое сврзување, невообичаеното, каква било промена на промена на кожа или на брадавица на дојка, веднаш да се упати кај матичниот лекар и навреме да реагира, изјави Љиљана Ивановска, специјализирана сестра по семејна и патронажна медицина.

Ракот на дојка е најчесто малигно заболување кај жените. Доколку се забележи навреме се овозможува поефикасно третирање.

- Во оваа бурно темпо на живеење, секако менталитетот на населението овде, јавната свест треба се повеќе да се развива да се води грижа за превенцијата. Многу е битно навреме да биде откриено секое заболување меѓутоа во борба за егзистенција, секојдневни проблеми, често настрана го ставаме здравјето, а треба да сме свесни дека ако не сме здрави, не можеме ниту да функционираме, ниту да заработуваме, ниту да се грижиме за егзистенција на семејството и воопшто не сме функционални за целата заедница, рече Ивановска.

Претседателката на здружението на виши и средни медицински сестри, техничари и акушерки Куманово, Анита Велковска се заблагодари на општина Куманово за финансиската поддршка за реализација на проектот. Активноста се спроведува согласно добиената финансиска поддршка на Здружението, по јавниот повик за спроведување на превентивно – промотивни активности за унапредување на здравјето преку кампањи од областа на здравствена заштита на здруженија и други правни лица на територија на Општина Куманово за 2025 година, во рамки на програмата за спроведување на општи мерки за заштита на населението од заразни болести за 2025 година.

Здружението е професионална организација која ги претставува сестрите акушерките и сестринската работа е формирано уште во 1991 година и е потписник на многубројни меѓународни декларации кои се однесуваат на медицински сестри и акушерки. Здружението на медицински сестри е составено од многубројни секции кои работат на подобрување и унапредување на сестринската нега преку разновидни едукации работилници, со цел за подобрување на здравствената заштита на населението и поттикнување на јавната свест кај населението во врска со здравјето. ам/мд/


Фото: МИА

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан