• понеделник, 23 декември 2024

Здружението на даватели на комунални услуги АДКОМ бара средба со владини претставници заради високите трошоци за струја

Здружението на даватели на комунални услуги АДКОМ бара средба со владини претставници заради високите трошоци за струја
Кочани, 5 мај 2022 (МИА) – Здружението на даватели на комунални услуги АДКОМ бара средба со претставници од Владата и од ресорните министерства за да се најде заедничко решение за високите сметки за електрична енергија. Членките на здружението имаат сопствени предлози за намалување на трошоците, при што се подготвени да произведуваат струја од сопствени капацитети, но потребна им е соодветна финансиска поддршка. -Нашите барања реално се решливи, а тоа е да ни се овозможи да поставиме фотонапонски електрични централи. Додека да се реализираат таквите инвестиции, бараме Владата да нè стави во истата група во која граѓаните ги плаќаат сметките за струја, односно да плаќаме по повластени цени. Исто така, бараме да ни помогне со кредитна линија со одреден грејс период, затоа што би можеле тоа да го враќаме со заштедените средства од поставените централи. Сметаме дека постојат решенија, заради што бараме средба на која ќе ги изнесеме нашите проблеми, истакна Иван Иванов, в.д. директор на КЈП „Водовод“ од Кочани и претседател на Управниот одбор на АДКОМ. Предлог на комуналните претпријатија, кои се членки на АДКОМ, е Владата да помогне и за обезбедување простор на кој би се поставиле фотонапонските централи. -Планираме да поставиме централи со поголем капацитет, но немаме толкави покривни површини, односно ќе мора да се користи и земјиште. Очекуваме владина поддршка за олеснување на процедурата за трансформација на намената на земјиштето, со оглед што инвестициите би биле за наши потреби. Тоа значи дека ние не очекуваме да остваруваме некаков екстра профит, туку произведената струја ќе помогне за анулирање на високите сметки што ги добиваме во моментов. Засега имаме активен договор за снабдување што трае до крајот на јуни, а потоа, според сегашните цени на пазарот, сметката за електрична енергија ќе го надминува вкупниот наш месечен приход, додаде Иванов. Според податоците што членките ги доставиле во АДКОМ, дел од нив веќе се пред финансиски колапс, каков што е примерот со комуналното претпријатие во Штип кое за само три месеци добило сметки за електрична енергија од над 37 милиони денари. Комуналните претпријатија засега немаат рестрикции во исполнувањето на своите обврски и услуги, особено во водоснабдувањето и изнесувањето на сметот, но ќе се најдат во потешка финансиска состојба ако не се најде решение за трошоците за струја.та/вј/

Остани поврзан