• четврток, 25 декември 2025

Здравствената состојба на животните во Куманово, Старо Нагоричане и Липково останува стабилна

Здравствената состојба на животните во Куманово, Старо Нагоричане и Липково останува стабилна

Куманово, 25 декември 2025 (МИА) - Здравствената состојба на животните во Општина Куманово и соседните Старо Нагоричане и Липково останува стабилна и под контрола, фармерите преземаат биосигурносни мерки, што даваат резултати, оценија денеска стручните лица од ветеринарно-сточарскиот центар „Тодор Велков“.

Анализите кои ги спровеле стручните лица покажуваат дека состојбата е стабилна. Во согласност со годишната наредба за здравствена заштита на животните, во текот на 2025 година биле спроведени систематски испитувања на здравствената состојба кај добитокот на територијата на општините Куманово, Старо Нагоричане и Липково, со посебен фокус на болестите што можат да се пренесат од животните на луѓето.

-Резултатите од сите испитувања во текот на годината се исклучително позитивни. Здравствената состојба кај говедата, овците и козите е на многу високо ниво, а во овој период се спроведуваат и контроли кај свињите, каде што состојбата исто така е задоволителна, изјави директорот на ВСЦ „Тодор Велков“, Зоран Пешевски.

Тој смета дека резултати укажуваат дека фармерите применуваат соодветни мерки за биосигурност, што овозможува сигурно производство на млеко и месо, а за граѓаните безбедна и контролирана храна.

- Квалитетот постојано го следат самите фармери, кланиците и Агенцијата за храна и ветеринарство, со цел на пазарот да стигне здрав производ, изјави Пешевски.

Во Кумановско нема појава на болеста африканска чума којашто беше присутна изминатиов период.

- Кај домашните, одгледувани свињи, веќе повеќе од една и пол година нема регистриран случај на африканска свинска чума. Последните анализи и мостри од фармите покажуваат дека состојбата е стабилна, изјави Пешевски.

Сепак, тој предупредува дека вирусот сè уште циркулира кај дивите свињи. За него, особено важно е да продолжи едукацијата на фармерите и ловџиите која се спроведува во соработка со надлежните институции. Пешевски укажува и на домашното колење на свињи, кое традиционално се практикува, но ретко е проследено со лабораториска контрола.

- Кај нас, за жал, нема навика месото од домашно колење да се носи на анализа. Во други земји, како Србија, тоа е редовна пракса, сопствениците носат мостри во лабораторија и дури потоа месото се користи, посочува тој.

Според него, испитувањата не се скапи, резултатите се добиваат брзо, а ризикот од заболувања предизвикани од недоволна термичка обработка или сушени месни производи може целосно да се избегне. ам/вј/

Фото: МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан