• понеделник, 23 декември 2024

Зголемени парафискалните давачки на централно ниво

Зголемени парафискалните давачки на централно ниво

Скопје, 1 јуни 2023 (МИА) - Парафискалните давачки се уште претставуваат голем товар за бизнис секторот, иако микро и малите компании овој товар го чувствуваат многу посилно во однос на големите, беше речено на денешниот економски форум што го организира Фајненс тинк.  

На централно ниво парафискалните давачки кон институциите се зголемени, а на локално бројот на парафискални давачки е умерен.

- Административниот товар на поднесоци, корекции, комуникации со институциите е истакнат како значајно поголем товар во споредба со финансискиот товар. Од аспект на централно ниво, резултатите покажаа дека парафискалните давачки кон институциите на централно ниво се зголемиле во споредба со 2019 година и иако ова зголемување е забавено, сепак земајќи предвид дека крајната цел е оптимизација на парафискалните давачки треба детално да се испита дали ова се нови давачки или истите дополнително биле верифицирани. Од аспект на локално ниво бројот на парафискални давачки е умерен, се движи од 8 до 15 парафискални давачки и генерално кон локално ниво административниот товар е поголем во однос на финансискиот товар. Слично е и на централно ниво, меѓутоа тука непредвидливоста на бројот на новововедени парафискални давачки е поголем во однос на финансискиот товар, рече извршната директорка на Фајнанс тинк, Благица Петрески.  

Според неа, она што треба да следи е процесот на оптимизација. Една од формите, пак, што е најпопуларна на краток рок и најпрепорачлива е дигитализацијата на поднесоците за да се адресира товарот што компаниите го истакнуваат во однос на администратирањето на вкупните поднесоци на парафискалните давачки.  

- Оптимизацијата е во рана фаза и треба да опфати неколку форми. Освен пратење на парафискалните давачки како најпопуларна форма, постојат и други форми каде може да се зголеми контра услугата што не ја добиваат компаниите за она што плаќаат, меѓутоа исто така може да имаме спојување на парафискални давачки или да се зголеми наменското трошење на средства како што е на пример за еколошките дозволи, па намената на средствата платени за еколошки дозволи или градежни дозволи да бидат во таа цел за уредување на градежното земјиште или на подобрување на екологијата, истакна Петрески.  

Според министерот за економија Крешник Бектеши, веќе се мапирани речиси сите 377 парафискални давачки согласно критериумите и се работи на нивно намалување или спојување.

- Помала важност и се дава на сумата на одредена давачка, важноста се повеќе се дава во делот на спојувањето на одредени давачки за да стигне, за да добиеш одредена услуга или документ отколку на тоа колку чини. Значи, треба да се работи на дигитализација, на спојување и секако за одредени давачки и на намалување ако е тоа потребно. Ние имаме конкретни податоци во делот на сумата и колку е оптоварувањето кон бизнисот, но и не само кон бизнисот, тука може да биде и кон граѓаните во делот на давање услуги и една од главните теми денеска беше како тоа да се оптимизира, рационализира. Ние во соработка со Фајненс тинк и ЕУ веќе сме ги мапирале речиси сите парафискални давачки согласно критериумите како што се утврдува парафискална давачка од 2019 до овој момент. Моментално работиме на првите 100 од 377 кои се веќе мапирани. Паралелно на тоа треба да се дискутира и закон за административни такси, бидејќи двесте седумдесет и нешто се предвидени по Закон за административни такси, а другите се согласно материјалните закони или согласно правилници и други подзаконски акти кои произлегуваат и на локално ниво се голем број на тие давачки што значи, не само во делот на намалувањето од финансиски аспект, важноста ќе биде ставена и во делот на дигитализацијата на давање на услуга или на спојување на одредени давачки која ќе влијае на намалувањето на времето за вршење на одредена давачка или на добивање одреден документ, дозвола и слично, рече Бектеши.  

Тој подвлече дека се знае точно што е парафискална давачка.

- Или не е предвидена да се плаќа согласно закон или не е фискална давачка или може да биде и двете и во таков случај одредени институции, повикувајќи се на нивни правилници кои ги утврдуваат подзаконски акти и слично за одредена услуга ставаат цена на услугата што би чинела. Значи, веќе се мапирани сите парафискални давачки од државата, 377, но и по закон да е како парафискална давачка генерално и општеството и стопанството мислат дека се сите давачки што се плаќаат освен тие што се фискални како што се данок на имот, данок на доход, данок на добивка и слично, објасни министерот. мч/сп/  

Остани поврзан