Зголемени нивоата на реките, Треска речиси осум пати над ноемврискиот просек
- Нивоата на реките се драстично зголемени по врнежи од дожд што изминатите денови ја зафатија земјава. На некои мерни места водостојот е речиси осум пати над просечните вредности за месец ноември.
Скопје, 20 ноември 2025 (МИА) - Нивоата на реките се драстично зголемени по врнежи од дожд што изминатите денови ја зафатија земјава. На некои мерни места водостојот е речиси осум пати над просечните вредности за месец ноември.
Според денешните хидролошки мерења, најголем пораст е забележан на реката Треска кај Македонски Брод, каде водостојот е 90 сантиметри над нормалната кота.
Зголемени нивоа се регистрирани и на реката Вардар, особено кај Јегуновце, Скопје, Велес и Демир Капија, како и на Пчиња кај Пелинце и Катлановска Бања. Пораст има и на Црна Река кај Новаци, на Радика и на Црн Дрим кај Ложани.
Исклучок е реката Брегалница кај Берово, каде водостојот е 12 сантиметри под просекот за ноември.
Според Управата за хидрометеоролошки работи, нивото на водата во Дојранското, Преспанското и Охридското Езеро е стабилно и во рамките на просечните вредности за месец ноември. дма/са/
Фото: МИА архива