• среда, 27 ноември 2024

Зборот „ПАСОК“ се враќа во името на грчката партија Движење на промена

Зборот „ПАСОК“ се враќа во името на грчката партија Движење на промена
Атина, 9 мај 2022 (МИА) – Членовите на грчката партија Движење на промена, одлучија во името на партијата да се врати и зборот „ПАСОК“ како и стариот партиски симбол, зеленото сонце, јави дописничката на МИА од Атина. Над 170.000 членови на вчерашните внатре партиски избори за делегати во пресрет на Конгресот за две седмици, меѓу другото гласаа и за ново име на партија. Првата опција беше актуелното име „Движење на промена“ со актуелниот симбол, додека пак втората опција беше комбинација од старото и новото име, односно „ПАСОК – Движење на промена“, пропратено со симболот на ПАСОК, зелено сонце. Лидерот на партијата Никос Андрулакис рече дека граѓаните одлучија и се враќа симболот – сонцето. -Од ден на ден градиме нов однос на доверба со грчкиот народ на секое поле од големите предизвици на нашето време. Пред нас се клучни општествени и политички битки. Одиме напред со ПАСОК- Движење на промена. Сите заедно ќе успееме. Сите заедно ќе победиме, порача Андрулакис. Станува збор за партијата која од 2017 година го промени името од ПАСОК во Движење на промена, а новиот лидер Никос Андрулакис избран пред неколку месеци најави враќање на старото име. Движење на промена е трета политичка сила во Грција. ср/

Остани поврзан