• понеделник, 23 декември 2024

За 64 отсто зголемени бегалските бранови во Грција

За 64 отсто зголемени бегалските бранови во Грција
Атина, 22 септември 2022 (МИА) – Во првите осум месеци од годинава, бегалските и мигрантските бранови во Грција се зголемиле за 64 отсто, споредено со истиот период лани, додека пак бројот на бегалци и мигранти кои престојуваат во земјата се намалил за 56 проценти, согласно податоците за август од Министерството за миграција и азил, јави дописничката на МИА од Атина. Во Грција престојуваат вкупно 18.587 баратели на азил, од кои 16 отсто се на островите, а останатите 84 проценти се во континенталниот дел на Грција. На островите, во август имало 3.190 бегалци, бројка за 39 отсто помала од август минатата година. Во периодот од јануари до август пристигнале 8.873 бегалци и мигранти, а 5.657 лица ја напуштиле Грција, односно или заминале и биле релоцирани во некоја земја од Европската унија или биле вратени во земјите на потекло преку механизмот за депортација. Министерот за миграција и азил на Грција Нотис Митаракис рече дека продолжуваат да вложуваат максимални напори за ефикасно управување со мигрантското прашање, „наспроти обидите на мрежите на криумчарите и инструментализацијата од Турција“, како и дека ќе продолжат да ги штитат грчките и европските граници „со примена на строга, но правична политика со почитување на меѓународното право и човечкиот живот“. ср/паг/

Остани поврзан