• петок, 22 ноември 2024

За половина година двојно зголемен бројот на сообраќајни несреќи со тешки телесни повреди и загинати во Кочанско

За половина година двојно зголемен бројот на сообраќајни несреќи со тешки телесни повреди и загинати во Кочанско

Кочани, 24 септември 2024 (МИА) – Драстично зголемување на бројот на сообраќајни несреќи со тешки телесни повреди и смртни последици евидентирало Одделението за внатрешни работи од Кочани во првите шест месеци од оваа година. 

Во споредба со истиот период лани, порастот во просек е двојно повисок, а загрижувачки е фактот што бројот на загинати учесници во сообраќајот на територијата што ја контролира Одделението е за три пати поголем.

- Во извештајниот период од страна на овластените службени лица регистрирани се вкупно 75 сообраќајни незгоди, во кои настрадале 43 лица, односно три се загинати, 16 се здобиле со тешки, а 24 со лесни телесни повреди. Поради загрозување на безбедноста на јавниот сообраќај, во текот на првото полугодие од 2024 година,  поднесени се 12 кривични пријави за сторени исто толку кривични дела, а издадени се 1.844 налози за наплата на глоба, се истакнува во писмениот извештај од Одделението за внатрешни работи.

Најголем број од сообраќајните несреќи што завршиле со материјална штета, повредени и лесно повредени лица се случиле на улиците во градот и населените места во општината, додека посериозните незгоди со настрадани учесници во сообраќајот се регистрирани на локалните и магистралните патишта. 

Во рамки на превентивното дејствување, во првите шест месеци од оваа година Полициската станица во рамки на Одделението за внатрешни работи спровела 13 едукативни работилници и други активности од областа на превенцијата. та/дма/

фото: МИА

Остани поврзан