• понеделник, 23 декември 2024

Ѓорчева и Илиева, македонски претставници на самитот Форбс 30/50: Пример за успешни македонски претприемачи

Ѓорчева и Илиева, македонски претставници на самитот Форбс 30/50: Пример за успешни македонски претприемачи

Велес, 16 април 2023 (МИА) - Вмрежувањето е многу важно и на претприемачите во земјава може да им помогне забрзано да го развијат својот бизнис. Треба да бидат информирани за најновите трендови и можности во нивната индустрија, за да можат да добијат пристап до потенцијалните инвеститори и клиенти. Успешниот бизнис често се гради врз силата на неговиот тим, порачуваат м-р Михаела Ѓорчева и м-р Моника Илиева, млади претприемачи, кои беа единствените македонски претставници на неодамна одржаниот светски самит Форбс 30/50 во Абу Даби, каде главна тема беше менторството. 

Тие ги охрабруваат своите колеги претприемачи да инвестираат во сопственото образование и да бараат можности за менторство, кое може да им помогне да ги развијат своите бизниси.

За МИА потенцираат дека нивна долгорочна цел како претприемачи е да воспостават успешен бизнис, кој ќе придонесе за развој на локалната економија и ќе создаде можности за вработување на младите во нашата заедница.

Искуства од највлијателните и најуспешните светски лидери

Ѓорчева е дел од листата Forbes Under 30-2022 на која се истакнуваат 30 најуспешни млади претприемачи во Европа. Основач е на единствениот македонски ланец на кина - Киноверзум и член на Управниот Одбор на Меѓународен Славјански Универзитет.

Од овој самит, наученото за неа е искуство плус за успешна работа и во таа насока потенцира дека вмрежувањето е многу важно и може да им помогне и на македонските претприемачи забрзано да го развијат својот бизнис. Нагласува дека со поврзување со други професионалци во иста или слична индустрија, може да се биде во чекор со најновите трендови и најдобрите практики, а за нивните бизниси да добијат вредни совети.

За Ѓорчева, самитот бил уникатна можност да учи од некои од најуспешните и највлијателните луѓе во светот, како и да воспостави нови пријателства и соработки кои се од непроценлива важност за нејзината кариера.

- Триесетминутната менторска сесија со Мика Брезински ми овозможи да учам од нејзините искуства, да добијам совети за унапредување на мојата кариера и развој на компаниите во кои работам. Деловниот ручек со претставниците од Cisco и Форбс ми овозможи да дискутирам за моќта на вмрежувањето и остварувањето на добри контакти во бизнисот, вели Ѓорчева за МИА.

Појаснува дека пораката што и останала во сеќавање од целиот настан е дека секој пат кога се залагате за себе, истовремено се залагате за десетици илјади други луѓе, можеби дури и милиони кои ги немаат истите можности да ја пренесат пораката што сакаат да ја пренесат.

- Кога поединците навистина се залагаат за себе тие испраќаат порака до другите дека е возможно она за кое се залагаат. Ова не потсетува на одговорноста што ја имаме, да го користиме нашиот глас за промовирање на правдата и еднаквоста за сите, потенцира м-р Ѓорчева.

За м-р Илиева, ко-основач на издавачката и продукциска куќа Cafe De Anatolia од 2022 година и член на Forbes Business Council организацијата за најуспешни претприемачи и бизнис лидери од целиот свет, по добиената ексклузивна покана, учеството на самитот било можност да научи многу вештини од некои од најголемите умови во деловниот свет.

Таа посочува дека еден од највредните резултати за неа била важноста да се прифатат новите технологии и иновации со цел да се остане релевантен и конкурентен во индустријата.

Особено е импресионирана од дискусиите за растечкото влијание на вештачката интелигенција и како може да се користи за подобрување и рационализирање на различни аспекти на музичкиот бизнис, од дистрибуција до маркетинг.

- Друга клучна лекција ми беше важноста од градење силни, разновидни мрежи и партнерства со цел да се прошири бизнис досегот и способностите. Ова го засили моето верување во моќта на соработката и како таа може да доведе до нови можности и раст. Сето тоа што го научив ми даде вредни сознанија и перспективи за бизнис светот кој многу брзо се развива. За мене беше одлично потсетувањето дека за да се успее, мора да се биде отворен за учење, да се прифаќаат промените и постојано да се бараат нови можности за раст и развој, потенцира м-р Илиева.

Генерално, верува во тоа дека од секоја личност што ќе ја сретне може да научи нешто ново и оти таа секогаш се труди на секој разговор да му пристапи со отворен ум и подготвеност за учење.

- На самитот имав можност да се запознаам и научам многу од Хилари Клинтон, Мика Брезински, Рендал Лајн, Маје Маск, Џесика Алба и многу други лидери од светот, за важноста на истрајноста и издржливоста во остварувањето на вашите цели, потенцира м-р Илиева.

Таа посочува и дека разговарале за важноста на жените во лидерските улоги и за предизвиците со кои се соочуваат во индустриите во кои доминираат мажи.

Нивните согледувања и перспективи за неа биле непроценливи и и помогнале да обликува сопствен стил на лидерство.

-Секој од нив го сподели своето искуство за градење успешен бизнис и бренд и ја нагласи важноста да останете верни на вашите вредности и принципи. Воедно секогаш во се’ што правите да се стремите кон совршеност, потенцира Илиева.

Како претприемач, стекнала богато искуство во различни области како што се деловна стратегија, финансии, маркетинг и операции.

- Една од најважните лекции што ги научив е важноста да се биде прилагодлив и подготвен да ја смениш насоката кога е потребно. Ова е особено точно за музичката индустрија каде трендовите и преференциите на потрошувачите можат брзо да се променат, вели Илиева.

Додава дека друго искуство што го стекнала е и вредноста на градењето силен тим со разновидни групи на вештини и позадини.

- Успешниот бизнис често се гради врз силата на неговиот тим и научив дека е важно да се вработат поединци кои ја делат истата визија и вредности во компанијата, а истовремено носат уникатни перспективи и експертиза. Генерално, моите искуства како претприемач ме научија дека успехот често доаѓа од комбинација на напорна работа, упорност, стратешко размислување и подготвеност да се учи и од успесите и од неуспесите, истакнува Илиева.

Жените претприемачи соочени со многу предизвици

Ѓорчева појаснува дека жените претприемачи со кои се запознала на вакви меѓународни средби и конференции доаѓаат од различни култури, имаат различно образование, а нивните бизниси се разликуваат по големина, индустрија и структура, но дека она што е заедничко за сите нив е дека тие се визионери.

- Имаат јасна визија за она што сакаат да го постигнат и се подготвени да преземат ризици за да ја остварат визијата. Тие се резилиентни-психолошко отпорни, снаодливи, креативни, но пред се вешти и подготвени во остварување соработки и партнерства со други претприемачи, потенцира Ѓорчева.

Илиева, пак, нагласува дека од нејзино лично искуство имала задоволство да се сретне и да работи со многу инспиративни жени претприемачи кои секојдневно надминуваат различни пречки и постигнуваат голем успех.

- Една заедничка карактеристика што ја забележав кај овие жени е нивната издржливост и одлучност да успеат и покрај тоа што се соочуваат со значителни предизвици. Тие носат уникатен сет на вештини, перспективи и пристапи кон претприемништвото, што често доведува до иновативни и успешни потфати, потенцира Илиева.

Додава и дека овие жени лидери и претприемачи имаат силно чувство за општествена одговорност и се водени од желбата да имаат позитивно влијание врз нивните заедници и светот. Тие често даваат приоритет на вредностите како одржливост, инклузивност и етички практики во нивните деловни животи.

Без разлика од која земја доаѓаат, подвлекува, сите жени претприемачи се соочуваат со предизвици. Според неа, еден од најголемите проблеми е пристапот до финансирање за развој на бизнисите, но и балансирањето на деловните обврски и личниот живот.

М-р Моника Илиева оценува дека македонските жени претприемачи се растечка сила во економијата на земјава иако секојдневно се соочуваат со многу предизвици, како што се недостаток на пристап до финансии, пазарна конкуренција и социјални бариери.

- Како млади жени претприемачи во земјава, се соочуваме со уникатни предизвици. Сè уште има некои културни предрасуди и родови стереотипи кои треба да ги надминеме, како и недостаток на застапеност и видливост на жените во бизнисот, појаснува м-р Илиева.

Сепак, додава, откривме дека вмрежувањето и градењето односи со други жени во бизнисот е исклучително корисно за надминување на овие предизвици. 

- Но, секако ние сме водени од желбата да иновираме и да создадеме позитивни промени во нашите заедници и тоа е мотивирачко за нас, вели Илиева.

Во земјава треба да се имплементираат стретегии од најуспешните претприемачи

М-р Моника Илиева појаснува дека како претприемач и ко-сопственик на издавачка музичка куќа, од самитот едно од највредните сознанија кои ги научила е дека треба да се остане иновативен во индустријата што брзо се менува.

- За таа цел, со тимот планирам да имплементираме неколку од стратегиите што ги научив од најуспешните претприемачи и лидери во музичката индустрија во светот. На пример, ќе истражувам нови дигитални платформи и технологии за да дојдеме до поширока публика и да се поврземе со обожавателите на повеќе иновативни начини, појаснува Илиева.

За да ги искористи силите на едни со други и да го прошири нејзиниот дофат таа планира да бара повеќе можности за соработка со други професионалци од индустријата: уметници, продуценти и други сопственици на издавачки музички куќи. Верува дека сознанијата и стратегиите што ги добила ќе и помогнат да го развие нејзиниот бизнис и да остане конкурентна во индустријата што брзо се развива.

- Планирам да го споделам моите сознанија и нови искуства со други македонски претприемачи. Воедно да ги охрабрам да присуствуваат на настани за вмрежување, конференции и други собири каде што можат да се поврзат со истомисленици, најавува Илиева, додавајќи оти била инспирирана од приказните за издржливост и решителност што ги слушнала од други претприемачи на самитот.

Насоки за поддршка за стартап и мали бизниси

Според Илиева, има неколку закони во Република Северна Македонија кои ги штитат претприемачите, вклучително и законите поврзани со регистрација на бизнис, интелектуална сопственост и спроведување на договори. Владата, исто така, спроведе различни мерки за промовирање на претприемништвото и поддршка на малите бизниси, како што се обезбедување финансирање и нудење програми за обука и менторство.

Што се однесува до законите кои го штитат претприемништвото во земјава, тоа се Законот за поддршка на претприемништвото и конкурентноста кој нуди стимулации за бизнисите, вклучувајќи даночни ослободувања, субвенции за отворање работни места и грантови за развој на бизнисот. Владата го формира и Фондот за иновации и технолошки развој, кој обезбедува финансиска поддршка за иновативни стартапи. Сепак, потенцира дека има простор за подобрување во однос на заштитата на интелектуалната сопственост, намалувањето на бирократијата и подобрување на пристапот до владините договори.

М-р Илиева информира дека како млади претприемачи заедно со м-р Ѓорчева и останатите основна цел им е да придонесат за развој на поволна средина за претприемништвото во земјава.

-Како млади и веќе искусни професионалци ние оценуваме и бараме од Владата да креира повеќе политики и програми за поддршка за стартапи и мали бизниси, како што се даночни стимулации, пристап до финансирање и програми за обука, порачува Илиева.

Додава дека од суштинско значење е да се подигне свеста за важноста на претприемништвото и неговата улога во економскиот развој. Планираат да организираат настани, работилници и семинари за да ги инспирираат и едуцираат младите за претприемништвото и можностите што ги нуди. 

- Планираме и да станеме ментори и да поддржуваме други млади претприемачи преку споделување на нашето знаење и искуство, најавува м-р Илиева.

Но, според Илиева да се биде млад претприемач во земјава може да биде и предизвик и успех.

- За жал нема доволно ресурси и системи за поддршка на младите претприемачи во земјава. Пристапот до финансирање, менторство и можности за вмрежување е ограничен. Дополнително, постојат бирократски пречки и правни бариери кои им отежнуваат на претприемачите да започнат и водат бизнис, појаснува м-р Илиева.

Додава дека од друга страна, сепак постои растечка заедница на млади претприемачи кои работат на надминување на овие предизвици и создавање на просперитетен стартап екосистем во земјава.

- Севкупниот пат кон успехот на еден млад претприемач може да биде тежок, но исполнет. Со правилен начин на размислување, поддршка и ресурси, можно е да се изградат успешни бизниси и да се направи позитивно влијание врз општеството, порачува младиот и успешен македонски претриемач м-р Моника Илиева.

 

Антоанела Димитриевска

Фото:МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан