За Грција прашањето „Белери" е европско, а не само билатерално прашање
- Грчкиот државен министер Саврос Папаставру изјавил дека апсењето на Фреди Белери, реизбран градоначалник на Химара, е европско, а не само билатерално прашање, јави Топ чанел.
Тирана, 27 ноември 2023 (МИА) - Грчкиот државен министер Саврос Папаставру изјавил дека апсењето на Фреди Белери, реизбран градоначалник на Химара, е европско, а не само билатерално прашање, јави Топ чанел.
- Прашањето за Белери е во основа европско, а не билатерално. Се однесува на почитувањето на владеењето на правото, рекол Папаставру за Скај радио.
Додал дека доколку „Белери не бил припадник на грчкото етничко малцинство, Грција можеби немаше да изрази исто ниво на интерес".
- Меѓутоа, што се однесува до ЕУ, на ова треба да се гледа како на европско прашање. Ако извршната власт во која било земја има способност да одбие некого да даде заклетва само врз основа на личните преференци, тоа претставува проблем за Европа, нагласил тој.
Топ чанел потсетува дека грчкиот министер, кој минатата недела го посети Белери во затвор, навестил дека недостигот на напредок по ова прашање може да има последици за аспирациите на Албанија за членство во ЕУ.
- Јасно е дека Грција постојано и непоколебливо ја поддржува перспективата за европска интеграција на Западен Балкан, рече Папаставру, истакнувајќи дека премиерот Киријакос Мицотакис ја повторил поддршката на Атина на Самитот на Берлинскиот процес што се одржа минатиот месец во Тирана, наведува телевизијата.
Министерот оценил дека „сите имаме корист од европската перспектива на Албанија, особено грчкото национално малцинство".
Но, порачал дека „овој интегративен пат има некои услови и критериуми".
Белери иако во притвор, на локалните избори на 14 мај беше реизбран за градоначалник на приморското гратче Химара, населено главно со припадници на грчкото малцинство. Беше приведен два дена пред изборите под обвинение за „поткуп на гласачи". вт/рп/
Фото: ФБ на Белери