• вторник, 14 јануари 2025

За Василица во Прилеп поделени 600 парчиња бурек, во едно е среќната паричка

За Василица во Прилеп поделени 600 парчиња бурек, во едно е среќната паричка

Прилеп, 14 јануари 2024 (МИА) - Околу 600 парчиња бурек денеска на Василица им беа поделени на прилепчани пред платото кај Градскиот саат. Во едно парче од нив е и среќната паричка за која се верува дека на тој што ќе ја најде ќе му донесе среќна и бериќетна година. На граѓаните им се делеа и топли напитоци.

Оваа манифестација која се одржува по четврти пат, е за зачувување на вековните традиции и обичаи за Стара Нова Година, Василица.

-Четврта година по ред, во духот на православната вера, општина Прилеп го реализира овој настан по повод Василица. Оваа традиција почнала уште во 4 век кога Свети Василиј Велики поделил лепчиња со златник и поради тоа се верува дека секој ќе го следи среќата. На Василица, денеска и општина Прилеп го празнува Свети Василиј. На граѓаните им се поделени околу 600 парчиња бурек. Во едно од нив е и среќната паричка. На оној што ќе ја најде, посакуваме да му донесе среќа, здравје и бериќет. Среќниот добитник очекуваме да се пријави, а од Општината ќе добие пригодни подароци, рече Ирена Стерјоска Локвенец, претседателска на Градскиот совет.

Локалната самоуправа манифестацијата ја организира со поддршка на бизнис секторот од Прилеп.

Прилепчани велат дека традициите за Василица да се заврти мазникот со среќната паричка во кругот на семејството е вековна, се негува и ќе се одржува. Вербата паричката да донесе среќа е многу голема и посебно во овие времиња на живеење е уште посилна. ев/дма/

Фото извор МИА

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан