Заштитата на реката Вардар заедничка грижа на пограничните општини
- Во грчкиот град Поликастро се одржа завршната конференција на ИПА проектот за одржливо управување на водните ресурси во прекуграничниот регион со Грција,од која произлезе едногласен заклучок
Гевгелија, 5 октомври 2021 (МИА) - Во грчкиот град Поликастро се одржа завршната конференција на ИПА проектот за одржливо управување на водните ресурси во прекуграничниот регион со Грција,од која произлезе едногласен заклучок дека заедничката грижа за заштита на реката Вардар ќе продолжи и понатаму.
Лидер на проектот од наша страна беше Општина Гевгелија со помош на јавното претпријатие „Комуналец“ а партнери од грчка страна беа хемискиот оддел на Универзитетот „Аристотелу“ од Солун и општинските водостопански претпријатија од Пеонија и Халкидона.
- Се надевам и длабоко сум убеден дека завршените активности од проектот позитивно ќе влијаат врз животната средина и дека ќе претставуваат пример за слични еколошки проекти и идна заедничка соработка.Општина Гевгелија успешно ја заврши регулацијата на Сува река како единствен инфраструктурен зафат и со останатите активности за следење на квалитетот на водата од реката Вардар што ги презема „Комуналец“ со помош на добиената опрема вредна околу 140.000 евра ја постигна главната цел, истакна во видео обраќање гевгелискиот градоначалник Сашо Поцков.
Задоволство за реализираниот проект во услови на пандемија изразија и грчките партнери од причина што реката Вардар,како што истакнаа,освен што минува низ нашите земји и не соединува.
- Направените истражувања како резултат на новонабавената опрема,ни овозможија непосредно да се вклучиме во заштитата на значајниот воден ресурс во пограничниот регион и што е уште позначајно,ни овозможува и во иднина да ја продолжиме заедничката успешна соработка,рече Сионидис Константинос,градоначалник на општина Пеонија.им/фф/