• среда, 27 ноември 2024

Затворени над 20 отсто од малите бизниси во Албанија

Затворени над 20 отсто од малите бизниси во Албанија
Тирана, 28 мај 2020 (МИА) – Малите и средни бизниси во Албанија се меѓу најпогодените од пандемијата со Ковид-19, тврди претседателот на Здружението на мали бизниси, Алберт Насо. Според него, над 20 отсто од малите бизниси веќе ставиле клуч на врата, а поради пандемијата на ниво на севкупниот бизнис во земјата 120.000 лица останале без работа. - Проблемите се различни. Во Албанија, 95 отсто од деловните субјекти се мали и средни, кои вработуваат од еден до четворица работници, а само пет отсто се големи бизниси со по над 200 вработени. По наредба на Владата поради Ковид-19, 91.000 бизниси ги затворија вратите, а само на 6.000 бизниси им беше дозволено да работат. Ние претходно рековме дека бизнисот може да и се спротивстави на кризата само околу 20 дена. а веќе поминаа три месеци, изјави Насо за Ора њуз телевизија. Тој додаде дека сега многу од сопствениците на бизниси ги издаваат своите работни простории. - Ние доставивме 11 барања до албанската Влада, а само едно барање беше исполнето и тоа одложување на билансот од работењето. Над 20 отсто од бизнисите се банкрот. Зборуваме за илјадници работни места. Ние како здружение проценуваме дека има околу 120.000 лица кои поради пандемијата и неработењето на бизнисот останаа без работа, додава тој. Насо посочува дека забраната за движење мора да се укине, бидејќи доколку продолжи ограниченото движење повеќе од сигурно е дека 85 отсто од малите бизниси ќе пропаднат. Првиот човек на албанската конфекциска индустрија Ѓерѓ Бучуки, деновиве изјави дека проценетата економска штета во март и април, на национално ниво, изнесува две милијарди американски долари и оти секое одложување на враќањето во нормала ќе ја зголеми штетата. Затоа од Владата побарале итно враќање во нормален економски живот за сите деловни категории низ целата земја. вт/гт/

Остани поврзан