• четврток, 04 декември 2025

Засилени контроли на градилишта во Општина Аеродром, изречена казна од 1.300 евра за непочитување на законот 

Засилени контроли на градилишта во Општина Аеродром, изречена казна од 1.300 евра за непочитување на законот 

Скопје, 3 декември 2025 (МИА) - Општина Аеродром изрече парична глоба од 1.000 евра за правно лице и 300 евра за управителот на истата фирма поради прекршување на Законот за јавна чистота. Санкциите следат по извршена контрола, при што инспекциските служби утврдија дека од градилиште во непосредна близина на ПС Аеродром во Ново Лисиче во сообраќај се вклучувале возила со валкани гуми, со што директно се нарушува чистотата на животната средина и се прекршуваат законските одредби.

Општина Аеродром потсетува дека ваквите прекршоци се недозволиви и дека ќе се санкционираат строго и без исклучок.

-Во наредниот период, Општина Аеродром, покрај редовните, најавува и засилени контроли на сите активни градилишта. Контролите ќе бидат насочени кон тоа дали се почитуваат сите мерки за заштита на животната средина, дали се преземаат обврските за спречување на загадување, дали се одржува јавната чистота на градилиштата и дали се избегнува узурпација на јавните површини при градежните активности, се вели во соопштението од Општина Аеродром.

Од Општната упатуваат апел до сите правни и физички лица да ги почитуваат законите и прописите, затоа што, како што велат, само така можеме заеднички да обезбедиме чиста, здрава и безбедна средина за сите жители.

Општина Аеродром останува посветена на редот, хигиената и квалитетот на живот во урбаната заедница. сст/са/

Фото МИА архива

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан