• понеделник, 23 декември 2024

Засадени 40 илјади садници во Општина Ѓорче Петров

Засадени 40 илјади садници во Општина Ѓорче Петров

Скопје, 22 ноември 2024 (МИА) - Општина Ѓорче Петров денеска спроведе масовна акција за пошумување во атарот на село Кучково, со која се опфатени опожарените површини од пред неколку години. На површина од 20 хектари засадени се 40.000 садници од црн бор, чемпрес и јасен. 

Во акцијата, како што информира Општина Ѓорче Петров, учествуваа екипи на ЈП „Национални шуми“, градоначалникот Александар Стојкоски, општинската администрација и раководството на компанијата „Адинг“.

Градоначалникот Стојкоски потенцирал дека оваа акција е дел од поголемите заложби на општината за одржлив развој и грижа за животната средина.

- Пошумувањето не е само обврска, туку инвестиција во иднината на нашата заедница. Благодарност до сите кои се вклучија и покажаа дека заедно можеме да постигнеме големи резултати, порачал градоначалникот Стојкоски.

- Опожарените површини во атарот на Кучково, кои со години беа еколошки проблем, сега добиваат нов живот благодарение на заедничкиот ангажман на локалните власти, институциите и приватниот сектор. Оваа акција е доказ за тоа како преку соработка може да се постигне значителна промена во насока на зачувување и обновување на природата. Општина Ѓорче Петров ќе продолжи со вакви иницијативи, кои имаат за цел да го направат регионот позелено и поздраво место за живеење, се вели во соопштението од Општина Ѓорче Петров. мд/са/

Фото: Општина Ѓорче Петров 

Остани поврзан