• четврток, 19 март 2026

Започнува теренската активност „Нула кучиња бездомници во Чаир“

Започнува теренската активност „Нула кучиња бездомници во Чаир“

Скопје, 27 септември 2021 (МИА) - Бездомните кучиња во Општина Чаир ќе бидат собрани, идентификувани и вакцинирани од експерти организацијата за заштита и третман на животните „Happy Shelter“. Дополнително, кучињата ќе ги имаат потребните услови да останат во овој центар, а подоцна да бидат посвоени.

Ова ќе го овозможи Меморандумот за соработка кој Општина Чаир денеска го потпиша со организацијата за заштита и третман на животните „Happy Shelter“. Овој меморандум, како што информираат од општината, доаѓа како трајно решение за бројните барања на жителите на Чаир, кои поднеле жалби во врска со бездомните кучиња.

Градоначалникот на Општина Чаир, Висар Ганиу, изјави дека преку овој меморандум за соработка, на граѓаните на Чаир, па и пошироко на Скопје, ќе им се понуди целосна безбедност, избегнувајќи евентуални напади од бездомните кучиња.

- Бездомните кучиња обично се присутни рано наутро и навечер. Ги загрозуваат нашите жители, старите лица, жените, главно мајките со деца кои одат на прошетки на јавни простори во општина Чаир, вели  Ганиу. 

Претседателот на организацијата за заштита и третман на животните „Happy Shelter“, Кемал Незири, по потпишувањето на меморандумот, изразил благодарност до општината Чаир и градоначалникот Ганиу за оваа иницијатива апелирајќи до другите општини да го следат овој чекор.

Граѓаните можат да ги известат општинските власти за присуство на кучиња скитници на електронската адреса на општината или преку испраќање порака директно на социјалните мрежи. ар/са/

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан