• понеделник, 23 декември 2024

Започнува еколошката обнова на грчкиот Национален парк Дадиас по катастрофалниот пожар

Започнува еколошката обнова на грчкиот Национален парк Дадиас по катастрофалниот пожар
Атина, 3 август 2022 (МИА) – Мапирање и проценка на промените во екосистемите; ангажирање привремен персонал, орнитолози и шумари; грижа за дивите животни во соработка со надлежните органи и невладини организации; одредување ризик од поплави и мерки за заштита доколку е потребно; повторување на пописот на птиците грабливки на пролет; подготовка на долгорочен план за следење на текот на обновата во погодената област, се следните чекори на Министерството за животна средина и енергија на Грција за еколошка обнова на Националниот парк Дадиас по катастрофалниот пожар на крајот од јули, јави дописничката на МИА од Атина. Пожарот избувна на 21 јули и беше изгасен осум дена подоцна, а според првичните научни податоци на Министерството, катастрофалните последици се на површина од 2.209 хектари, односно половина од вкупната зафатена површина (4.540 хектари) од огнената стихија. Министерот за животна средина и енергија на Грција Костас Скрекас рече дека за Владата, „битката за заштита на животната средина е континуирана и се докажува на дело“, а откако  пожарот беше ставен под контрола, „веќе започнува обновувањето на шумата во Дадиа“. Заменик- министерот за животна средина и енергетика, Јоргос Амирас, истакна дека за нив „обновата на биолошката разновидност и природниот капитал во шумата Дадиа е врвен приоритет“. - Деловите на Националниот парк погодени од пожарите се разграничени, мапирани и темелно проучени со цел веднаш да се спроведат потребните мерки за обнова, посочи Амирас. Националниот парк Дадиа-Лефкими-Суфли со борови и дабови шуми, што се наоѓа во областа Еврос во североисточниот дел на Грција. е едно од најважните заштитени подрачја на национално, европско и меѓународно ниво и е една од првите области во земјата што е прогласена за заштитена бидејќи таму коегзистираат голем број видови флора и фауна. Дом е на три од вкупно четири европски видови мршојадци и е едно од ретките засолништа за 36 различни видови загрозени грабливци. ср/паг/

Остани поврзан