Започна „Ин Виница веритас“, објавени имињата на авторите на најдобрите три карикатури
- -Виница е град со посебна енергија. Иако мал по големина, тој е голем по гостопримството, град што ги прифаќа своите гости со отворено срце и ја негува културата како дел од секојдневието. Тој е чувар на духот, на традицијата, на културната меморија, а овој фестивал е неговиот глас: искрен, горд и препознатлив, порача пред присутните во Сината сала во Општината, министерот за култура и туризам Љутков.
Виница, 24 октомври 2025 (МИА) - Во Виница вечерва започна овогодишното издание на фестивалот „Ин Виница веритас“. Овој настан од културата, посветен на хуморот и сатирата, за отворен го прогласи министерот за култура и туризам, Зоран Љутков.
Тој пред гостите рече дека во овој фестивал се вложени многу љубов и посветеност истиот да прерасне во еден од најпопуларните во овој регион. Неговата препознатливост и уникатност секоја година ја инспирираат публиката, ја одржуваат културната сцена и го промовираат виното од Виничкиот Регион, истакна Љутков.
-Виница е град со посебна енергија. Иако мал по големина, тој е голем по гостопримството, град што ги прифаќа своите гости со отворено срце и ја негува културата како дел од секојдневието. Тој е чувар на духот, на традицијата, на културната меморија, а овој фестивал е неговиот глас: искрен, горд и препознатлив, порача пред присутните во Сината сала во Општината, министерот за култура и туризам Љутков.

На конкурсот за карикатури годинава распишан под мотото „Кој последен се смее...“ се пријавиле 230 учесници од 46 држави во светот. Првонаграден е карикатуристот Олексеј Кустовски од Украина. Дарко Дрљевиќ од Црна Гора е добитник на втората награда, додека третото место му припадна на Кинезот, Фан Линтао.
Годинава за прв пат се додели посебна награда од градот Виница за карикатура на автор од Македонија во едно фестивалско издание. Ја доби Златко Крстевски.

На свеченото отворање на „Ин Виница веритас“ му претходеше изложба од карикатури што учествувале на конкурсот за 2025 година.
Првиот ден од фестивалот на хуморот и сатирата заврши со театарската претстава ,,Разбуди се Тина“ на Театарот од Куманово, во режија на Драгана Таневска.
„Ин Виница веритас 2025“ ќе тра до 29 октомври со програма која предвидува низа активности и гостувања на повече театри од Македонија. ис/ев/
фото: МИА