• среда, 23 јули 2025
Македонски
  • English
  • Shqip
  • Македонски

Заменик министерката Трајков од Дубровник: Патот до ЕУ не е лесен, да покажеме дека припаѓаме во Европа

Заменик министерката Трајков од Дубровник: Патот до ЕУ не е лесен, да покажеме дека припаѓаме во Европа

Скопје, 12 јуни 2025 (МИА) - Заменик-министерката за европски прашања, Викторија Трајков учествува на 9-та Меѓународна научна конференција за прашања и предизвици од областа на ЕУ и компаративното право „Силна и безбедна Европа: Правни и Економски аспекти“ што се одржува  во Дубровник.  

На конференцијата, како што денеска соопштија од Министерството за европски прашања, заменик-министерката Трајков говорела за европскиот пат на Македонија кон членството во ЕУ и порачала дека е потребно сите земји од Западен Балкан заеднички да се фокусираат на имплементација на реформите со цел да ги подобрат состојбите и животот на граѓаните кои заслужуваат европски живот-дома.

- Патот до ЕУ како што знаеме не е лесен, но за нас е единствен. Тој пат бара од нас да ја покажеме силната желба и детерминираност дека ние не само географски, туку и природно-припаѓаме во ЕУ. Мора да покажеме дека нашиот долгогодишен сон сакаме да стане јаве и тоа час поскоро, порачала Трајков.

Пред присутните гости од регионот, заменик-министерката потенцирала дека како носители на политики создаваат услови со кои младите ќе можат да се чувствуваат европски и така и да делуваат. Таа додала дека интензивно се работи на забрзување на евроинтеграцискиот процес, кој напоредно со економскиот развој е еден од врвните приоритети на  Владата.

- Инвестирањето во образованието е инвестиција во иднината. И само општествата кои можат да го разберат ова ќе можат да одат напред, носејќи се со предизвиците на патот кон успехот. Владата која ја претставувам ја разбира потребата од градење на модерни општества, чија иднина ќе зависи од младите генерации кои од нас очекуваат конкретни одлуки за развој на нивните капацитети и способности, нагласила заменик-министерката Трајков.

Како приоритет ја истакнала реализацијата на европската агенда и имплементација на реформите кои што водат кон моделирање на добар здравствен, образовен и правен систем.  

Меѓународната научна конференција „Прашања и предизвици на ЕУ и компаративното право (ECLIC)“ ги разгледува правните и економските аспекти на членството во ЕУ преку мултидисциплинарен пристап, особено во однос на актуелните прашања за институционалната поставеност на ЕУ, законодавната рамка и влијанието на правото на ЕУ врз различните правни области на земјите-членки, како и економските предизвици со кои се соочуваат Унијата и земјите-членки. цр/дма/

Фото: Министерството за европски прашања

Остани поврзан