Факиќ: Сериозно да се размисли за повлекување на измените на Законот за јавни набавки и да се отвори широка јавна дебата
- Сериозно да се размисли за повлекување на измените на Законот за јавни набавки и да се спроведе широка јавна расправа која треба да донесе поквалитетна контрола на јавните набавки, смета Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации.
Скопје, 17 декември 2024 (МИА) - Сериозно да се размисли за повлекување на измените на Законот за јавни набавки и да се спроведе широка јавна расправа која треба да донесе поквалитетна контрола на јавните набавки, смета Сабина Факиќ од Центарот за граѓански комуникации.
- Предложените измени во кои се намалува контролата на јавните набавки сметам дека е контрадикторно на она на што сведочиме сега, а тоа е доказ дека една од најпогодените области од корупција во нашата земја се токму јавните набавки. Оттука сметам дека треба сериозно да се размисли околу предложените измени, да не речам во најголем дел и да се повлечат и да се отвори една широка јавна расправа во однос на тоа доколку треба да се подобрува контролата во јавните набавки како тоа да се направи квалитетно, а не да се оди кон нејзино укинување што апсолутно не е на линија на засилување на борбата против корупцијата во јавните набавки, вели Факиќ.
За тоа што може да се направи околу намалување на концентрацијата на мал број на фирми коишто ги добиваат тендерите, мерка која е побарана и од Светска банка во најновиот извештај, Факиќ смета дека се потребни системски мерки и поголема комуникација на институциите со бизнис секторот.
- Институциите мора да се борат против корупцијата, бидејќи во услови кога е таа широко распространета се разбира дека мал дел од фирмите наоѓаат интерес и да аплицираат на тендерите. Стравуваат, дури и во ситуации и да не е така, дека сите тендери се наместени. Оттука, малото учество на фирмите ја овозможува оваа ситуација и комфорт зона за една мала група на фирми да доминираат и да земаат голем број на тендери. Оттука потребни се системски мерки и многу повеќе институциите да комуницираат со бизнис секторот и да ја испраќаат пораката дека јавните набавки навистина се транспарентни и дека преку огласите сакаат да ја добијат најдобрата понуда. За жал, се чини дека состојбите не се такви, вели Факиќ.
Таа укажува на податоците од испитување спроведено со холандските инвеститори во земјава според кои еден од главните проблеми со кои се соочуваат е корупцијата.
Иницијатива за измена и дополнување на Законот за јавните набавки по скратена постапка во Собранието на 5 декември поднесоа седумина пратеници од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата, но по реакциите од ДКСК и од граѓанскиот сектор, договорено е измените на Законот да се носат во редовна собраниска постапка. Пратениците од власта кои ги предложија измените, по средбата одржана со претседателката на ДКСК Татјана Димитровска изјавија дека е договорено Антикорупциска да изготви анализа и мислење во врска со Законот за јавните набавки и да го достави до пратениците. Покрај начинот на носење на измените, меѓу клучните забелешки на опозицијата, како и на дел од експертите, се и укинување на управната контрола на Бирото за јавни набавки, како и промена на составот на Државната комисија за жалби по јавни набавки, во исклучително краток рок од 15 дена, што, се оценува дека отвора дополнителни прашања за транспарентноста и оправданоста на ваквите измени. вг/бак/
Фото: МИА