• недела, 22 декември 2024

Закажана вонредна седница на Советот на Неготино поради пожарот на планината Серта 

Закажана вонредна седница на Советот на Неготино поради пожарот на планината Серта 

Неготино, 10 јули 2024 (МИА) - Во 21:30 часот вечерва ќе се одржи вонредна седница на Советот на Општина Неготино на која ќе биде активиран и кризниот штаб, информираа вечерва од Центарот за управување со кризи. 

После седницата ќе следи детално соопштение за пожарот на Конечка планина (Серта) и планираните активности за негово гаснење.

Како што веќе информираше МИА, врз основа на информациите од ЦУК, околу 17:30 часот хеликоптер дејствуваше на пожарот кај неготинското село Пепелиште, линијата на фронтот на пожарот тогаш беше подолга од еден километар. Се работи за пожарот што избувна околу 10:30 часот на отворено во атарот на  Пепелиште, во близина на армискиот камп за обука Пепелиште, што е составен дел на армискиот полигон Криволак.

- После неуспешниот обид од страна на питомците пожарот да биде ставен под контрола, тој се проширил и се движи во насока кон сртот на Конечка планина (планина Серта) од десната страна на регионалниот пат Неготино - Штип. Линијата на фронтот на пожарот е подолга од еден километар. Во овој момент не е загрозено населено место ниту има таква тенденција, но пожарот се движи кон два далеководи од кои едниот од 410 киловолти се исклучил самиот а другиот од 110 киловолти е се уште во функција, соопштија тогаш од ЦУК.

Ветрот кој постојано дува менувајќи го правецот, дополнително го отежнувал гаснењето на пожарот.

-Горат нискостеблести растенија но и мешана шума вклучително и мешана зимзелена шума. Поради сериозноста на пожарот полицискиот хеликоптер кој учествуваше во гаснењето на пожарот кај Велес е пренасочен и веќе започна со дејство врз пожарот кај Пепелиште. Останатите два полициски хеликоптери се на редовен сервис, едниот ќе биде функционален после понеделник додека вториот кон крајот на август, појаснија тогаш од Центарот за управување со кризи.

Армискиот хеликоптер бил ангажиран на редовни армиски задачи во Охрид и немало доволно време истиот да се пренасочи во Скопје, да наполни гориво, да закачи ведро и да се упати кон Пепелиште.

- Трите Ер трактори се нефункционални поради недостаток на пилоти, проблем кој се очекува да биде надминат на следната владина седница, подвлекоа од ЦУК. 

Чадот од пожарот се чувствува и во Неготино.

-Доколку денес пожарот не биде изгаснат или ставен под контрола, гаснењето ќе продолжи рано наутро со еден полициски и еден армиски хеликоптер и поголем број на пожарникари, истакнаа тогаш од ЦУК. свд/ев/

ФОТО: МИА 

 

Можно е и ова да ти се допаѓа

Остани поврзан