• недела, 22 декември 2024

Заев: СДСМ во втор круг влегува во 36 општини плус Градот Скопје, конечно ќе имаме повеќе градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ

Заев: СДСМ во втор круг влегува во 36 општини плус Градот Скопје, конечно ќе имаме повеќе градоначалници од ВМРО-ДПМНЕ
Скопје, 18 октомври 2021 (МИА) - СДСМ и коалицијата победуваат во прв круг или имаат сериозно водство пред ВМРО-ДПМНЕ во повеќе од 30 општини и секако во Град Скопје, изјави вечерва на прес-конференција премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев.
Тој додаде дека во општините каде што има втор круг, кандидатите на СДСМ и коалицијата имаат загубено голем број на гласови кај коалиционите партнери кои во првиот круг настапуваа самостојно.
-Коалицијата на прогресот добива сериозна поддршка во вториот круг. СДСМ влегува во втор круг во 36 општини плус Градот Скопје. Влегуваме в борба за конечна победа во сите преостанати општини. Убеден сум дека на крајот СДСМ и Коалицијата ќе имаат градоначалници во повеќе општини во споредба со ВМРО-ДПМНЕ и нивната Коалиција, рече Заев.
Според Заев, СДСМ победи и победува во Струмица, Крива Паланка, Карпош, Центар, Шуто Оризари, Кочани, Делчево, Крушево, Ресен, Дојран, Валандово, Македонска Каменица, Богданци, Берово, Кривогаштани, Пробиштип, Пехчево, Демир Капија, Демир Хисар, Маврово-Ростуше, Чашка, Росоман, Старо Нагоричане, Лозово, Конче, Арачиново, Дебарца, Долнени, Куманово и Скопје.   -А таму каде што води ВМРО-ДПМНЕ и влегува како прв во вториот круг видете ја структурата на гласови и ќе видите дека кандидатите од нашите коалициони партнери одземаат сериозен број на гласови кои се секако на коалицијата на прогресот во вториот круг.  Поддршката која ја добивме во првиот круг е сериозна. Тоа се стотици илјади гласови на нашиот народ. Тоа за нас е обврска и таа обврска ние ќе ја исполниме и нема да застанеме да дозволиме на некого земјата да ја враќа назад. Пред нас е сериозна борба, рече Заев.   Впрочем, додаде Заев, заради тоа Мицкоски барал избор на градоначалници во првиот круг, свесен за тоа што ќе се случи во вториот круг. -Коалициските капацитети се сериозни, граѓаните доминантно во мнозинство се за прогрес. Огромна е нашата коалиција. Ја обединуваме целата владина коалиција, прогресивниот глас се обединува за вториот круг и влегува во борба за она што со труд, пот и крв го обезбедивме заедно со народот за оваа наша земја. Прогресот се обединува за да ја обезбеди иднината на татковината. За таа цел, за да ја зачуваме безбедна и сигурна македонската иднина ги повикувам сите наши поддржувачи и тие што денеска останаа дома да излезат и да гласаат за Најдоброто за нашиот народ и нашата држава, истакна лидерот на СДСМ.  Според него, јасна е пораката од народот и таму каде што победиле и таму каде што не победиле. -Народот сака уште повеќе работа и уште повеќе резултати. Тие резултати ќе ги обезбедиме со сите наши капацитети. Но, тие резултати се можни само со локални самоуправи кои гледаат и сакаат да одат напред. Тоа е можно само со коалиција која води напред. Затоа ги повикувам сите, целиот македонски народ, сите Македонци, Албанци, Турци, Власи, Срби, Роми, Бошњаци – сите борбата продолжува, прогресот се обединува бидејќи злото се заканува, рече Заев.   Тој нагласи дека коалицијата на партиите кои ја сочинуваат централната власт, а тоа е владината коалиција составена од СДСМ, ДУИ, ЛДП, ДОМ, Беса, ДПА, Бошњачкиот сојуз и другите партии, ќе се обедини и, како што рече, ќе влезе во борба за мнозинствата во најголем број од веќе избраните совети на општините низ државата. Тоа се мнозинствата низ кои се претставени прогресивните и демократски политики на оваа коалиција поддржана од огромното мнозинство на народот.   Вели дека вториот круг ќе го одреди правецот по кој ќе се движи политичката сцена, но сепак е убеден дека СДСМ ќе ја задржи доминацијата во повеќе општини. мс/сст/

Остани поврзан